Достапни линкови

logo-print

Уапсени седум осомничени соработници на групата од Дива населба


Седум лица се приведени во рамки на акцијата „Молња“ реализирана рано утрово од страна на Mинистерството за внатрешни работи во координација и со наредба на надлежниот јавен обвинител.

Од Министерството соопштуваат дека акцијата имала цел да ја открие целокупната мрежа на соработници и помагачи на криминално-терористичката група од кумановската Дива населба, која на 9 и 10 мај годинава се судри со полицијата.

Приведените лица се на возраст од 20 до 74 години, од кои три се од кумановското село Отља, две од скопско Брест и по едно од Арачиново и Матејче е побаран притвор како осомничени за извршување на кривични дела „терористичка организација“ и „тероризам“ со „помагање“.

Во текот на досегашната истрага соодветно е документирана нивната улога и поврзаност со случувањата во Дива населба, како и инволвираноста во претходниот напад на Полициската станица во Гошинце.

„Осомничените главно имале улога на логистичари, односно при двата кривично-правни настани и помагале на групата во извршувањето и прикривањето. Освен помагањето на криминално-терористичката група од Дива населба, еден од осомничените имал обиди во текот на полициската акција да мобилизира помлади лица и со таа група да изврши напади во Скопје, да ја дефокусира полицијата и да ја намали нејзината сила во напорите за совладување на вооружената група во Куманово“, соопшти МВР.

XS
SM
MD
LG