Достапни линкови

Спировска во потрага по фантастичниот свет на криптолитите


 Ангелина Спировска, уметница.

Ангелина Спировска, уметница.

„Криптолити“ е насловена првата самостојна изложба на младата и талентирана уметница Ангелина Спировска, што ќе биде отворена утре вечер во Музеј на град Скопје. Ќе бидат изложени 17 дела во кружна форма како асоцијација на погледот низ тубусот од микроскопот низ кој таа открила некој, за неа, фасцинантен свет на структурата на камењата, а постановката се реализира по повод наградата „Борко Лазески“ за инвентивни достигнувања во сликарскиот оддел на Ликовната академија која авторката ја доби во 2014 година.

Овие дела посакуваат да бидат гледани и како целина и како делови од неа – односно, во нивниот концепт тие бараат активно вклучување на гледачот во нив и негова партиципација во остварувањето на ваквиот потфат. Ако тој во овој чин почувствува некое пријатно задоволство во откривањето, тогаш тоа веројатно може да доаѓа од побудата за создавањето на делата – задоволство во откривањето на новите можности. Отвореноста кон светот на можностите секогаш или многу често асоцира или нè наведува на асоцијација упатена кон младоста - младоста на авторката е клучот за оваа состојба.

Главната инспирација за „Криптолити“ беше токму од ваквите камења и се специфични по својата структура. Тие не се обични и не можат да се најдат насекаде. Интересно е и тоа што самите тие по својот изглед се навидум многу едноставни, но доколку се обработат и се навлезе со сонда, со микроскоп, ќе се види еден фасцинантен свет што се крие внатре во каменот.

Ова ќе го запише Лазо Плавевски во рецензијата за каталогот печатен во пресрет на отворањето на изложбата „Криптолити“ на уметницата Ангелина Спировска. Станува збор за постановка на која се претставени 17 дела во кружна форма како асоцијација на погледот низ тубусот од микроскопот низ кој таа открила некој, за неа, фасцинантен свет на структурата на камењата, а постановката се реализира по повод наградата „Борко Лазески“ за инвентивни достигнувања во сликарскиот оддел на Ликовната академија која авторката ја доби во 2014 година.

Обидувајќи се да направи своевидна демистификација на насловот на изложбата, Спировска вели дека станува збор за поим кој можеби и не е доволно познат, но вели дека неговото значење доаѓа од зборовите крипта и логија. Појаснува дека крипта е тајна, а логија наука за камењата и констатира дека посегнала по откривањето на „тајната на каменот“. Она што се крие внатре во него, што не може да се види со голо око.

„Главната инспирација за „Криптолити“ беше токму од ваквите камења и се специфични по својата структура. Тие не се обични и не можат да се најдат насекаде. Интересно е и тоа што самите тие по својот изглед се навидум многу едноставни, но доколку се обработат и се навлезе со сонда, со микроскоп, ќе се види еден фасцинантен свет што се крие внатре во каменот“, вели таа.

Говорејќи конкретно за делата, уметницата истакнува дека е тоа нешто ново во кое што влегла по дипломирањето на Ликовната академија. Ја напуштила фигурацијата во своите слики и решила „да се ослободи и да навлезе во некои варијации на енформелот кој како правец се јавува во 1950-те“. Да понуди еден друг пристап. Од друга страна, таа на изложбата работела по освојувањето токму на наградата „Борко Лазевски“ и тоа бил впрочем нејзиниот одговор на дамнешната желба за една ваква творечка потрага.

„Ова беше и еден вид на експеримент, бидејќи јас љубам да експериментирам во уметноста. Како со материјалите, така и со темите. Секоја слика е засебна. Работена е со најразлични материјали кои се сликарски, но и не се сликарски, ако воопшто денес може да се направи разлика што е сликарски, а што не материјал. И тука не завршува циклусот. Оди дотаму што секогаш може да се најде нешто ново за да се изрази она што се сака – од идеите до чувствата на авторот итн“, вели таа.

Инаку, Ангелина Спировска појаснува дека проектот всушност е плод на соработката со нејзиниот дедо, еден од најпознатите наши геолози и литературен критичар Југослав Павловиќ, кој патем, како што вели, ја има најголемата збирка на минерали во Македонија и кој и ја пренел љубовта кон камењата и индиректно ја натерал да истражува.

„Природата никогаш не може да се истражи до крај. Инспирацијата кај мене секогаш ќе постои и ќе имам потреба да ја надградувам, а со тоа разбирливо ќе тежнеам кон сликање на нови дела“, вели таа.

Родена 1992 година во Скопје, Ангелина Спировска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје - насока сликарство со модул реставрација и конзервација. Еден семестар од школувањето поминала на Сиена арт институт во Италија, била стипендист на американската фондација „Пол Гети“ во 2012, а моментално во нејзиниот фокус се постдипломските студии на Факултетот за ликовни уметности.

Досега учествувала на повеќе групни изложби и колонии во земјата и странство (Студентско интернационално арт биенале 2013, Прво меѓународно биенале на уметници од некогашните југословенски простори, „МиниАРТура“...) и има освоено повеќе награди и признанија (Прва награда на Керамичката работилница на манифестацијата „Рацинови средби“, награда на натпреварот за картички и разгледници на Американската амбасада во Македонија...), а член е на ДЛУМ од 2014 година.

Кон ова уште и информациите дека интересот на Спировска отсекогаш го окупирале и другите уметности – посебно филмот и литературата. Таа е автор на телевизиската драма „Новогодишна ноќ“ (продукција ТВ ТЕЛМА, 2009), а нејзини песни се објавувани во разни списанија и поетски збирки.

„Сите овие мои интереси се стремат кон едно. Јас и во ликовната уметност наоѓам одредена лиричност, поетичност на делата. Нивните наслови ги давам од личните чувства, од она со што јас сум била инспирирана. Песните дополнително го објаснуваат она што го работам во сликарството. Тоа се некои други мои слики. Со нив само се продлабочува идејата. А, тоа се надевам внесува поголема возбуда за оној кој што ја конзумира мојата уметност. И токму поради тоа никогаш нема да ги напуштам овие свои потраги по убавото“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG