Достапни линкови

Договорот од Пржино суспендиран, политичката криза на крстопат


Аналитичарите оценуваат дека овие неколку дена се клучни за тоа дали ќе се надминат несогласувањата или ќе биде потребен и нов договор

Откако неизборот на тимот предложен од специјалната обвинителка Катица Јанева вчера ја доведе во прашање и работата на работната група и спроведувањето на договорот од Пржино, амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Македонија, Џес Бејли, денеска порача дека има уште многу да се сработи, а времето е кратко. Тој нагласи и дека 108 пратеници во Парламентот, четирите политички партии и Советот на обвинители ја избрале едногласно поради нејзиниот професионализам и правичност и оти мисли дека тие би сакале да и ги дадат средствата коишто таа смета дека и се неопходни за да ја спроведе нејзината важна работа.

Останатиот процес во работната група треба да продолжи, има уште многу важна работа да се заврши, а нема многу време за тоа.
Џес Бејли, амбасадор на САД во Македонија.

„Многу е важно да има кредибилен и независен процес повзран со прашањата кои се покренаа од прислушуваните материјали. Ова е многу важно за да и се помогне на Македонија да излезе од ситуацијата во која е во моментов. Мислам дека останатиот процес во работната група треба да продолжи, има уште многу важна работа да се заврши, а нема многу време за тоа“, рече Бејли.

Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Уште не почнат сериозно да се спроведува договорот од Пржино од опозицијата веќе беше споменат во контекст на палома хартија, термин кој го употреби ВМРО-ДПМНЕ за мартовскиот договор во 2013 година. Ако со законот за специјален обвинител и изборот наЈанева се чинеше дека овој пат партиите под сериозен притисок на странците ќе работат според роковите и предвиденото, непочитувањето на договореното се навести со одолговлекувањето на договорот за изборниот законик, оценуваат аналитичарите.

Според политикологот од Правниот факултет Ненад Марковиќ вчерашните случувања, пак, се сериозна амплитуда надолу во спроведувањето на договорот и клучни за неговото останување во живот ќе бидат следниве неколку дена.

„Доколку во наредните три-четири дена не се реши проблемот сметам дека Македонија може да западне во доста сериозно одолговлекување или некаква политичка криза, ќе видиме, тоа зависи од многу актери меѓу кои и од меѓународната заедница од каде што очекувам да дојде многу голем притисок во наредниве неколку дена“ , вели Марковиќ.

Инаку од она што е наведено во договорот од 2 јуни и во протоколот од 15 јули, досега роковите се испочитувани за враќањето на опозицијата во парламентот на први септември, престанувањето на објавувањето на т.н. бомби, законот за специјално обвинителство и изборот на Јанева на 15 септември, а следно за договарање се новите министри до 20 месецов, медиумите, повлекувањето на владата и некои конкретни закони.

„Ако продолжат ваквите падови и ако губиме време на вакви работи тогаш мислам дека веројатноста се да се помести е реална. Сега од оваа перспектива сметам дека се уште не, но ако ова потрае недела, две, три веќе се нарушува целата динамика предвидена со договорот од Пржино, која и онака веќе е нарушена“, вели Марковиќ.

И аналитичарот Алберт Муслиу смета дека овие неколку дена се клучни за да се одврзе јазолот и од тоа зависело дали ќе се одело кон поместувањето на предвидениот термин за избори, 24 април, или пак како што вели кон нов договор.

„Ние реално можеме да влеземе во многу нејасна територија затоа што ако се откажат страните, или ако се откаже СДСМ од пржинскиот договор тогаш не знам што останува по тоа, пржински договор-три? Тоа значи дека ќе влеземе во уште потешка политичка криза. Од друга страна не верувам дека Европската комисија ќе го одложува уште извештајот за Македонија за годинава, така што ако ова не се одврзе може да очекуваме и да не добиеме препорака за зачленување во ЕУ што ќе има импликации во политичкиот живот во Македонија“, вели Муслиу.

Според него очекувани биле сопките и пречките при спроведувањето на договорот, оти како што вели и самото постигнување не било поради желбата на македонските политичари, туку поради силното инсистирање на странците.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG