Достапни линкови

Две и пол години Битола е без полигон за возачки испити


Опозицијата обвинува дека граѓаните на Битола за возачки испит се праќаат во Прилеп или во Ресен поради нечии бизнис интереси. Локалната власт вели дека полигонот во Битола не ги исполнува пропишаните стандарди.

Две и пол години Битола нема полигон за вежбање и полагање возачки испит. Кандидатите за возачи се упатуваат да полагаат на полигоните во соседните градови што ги чини двојно поскапо. Според опозициската СДСМ, ова е срам за град како Битола.

Изминатите две и пол години 70 илјади евра пари на битолчани се одлеале во соседните градови. Чии бизнис интереси се штитат со неотворањето на полигон во Битола?

„Сме на оваа локација за да одбележиме панихида од двеиполгодишнината од пропаднатиот полигон за полагање на возачки испит. Зар не е срамота град како Битола две и пол години да нема полигон, а граѓаните за полагање возачки испит да одат во соседните градови Прилеп и Ресен? Зар не е срамота Прилеп да има два полигона, Ресен еден, а Битола ниеден?“, праша Горан Козаров од СДСМ.

Тој изрази сомнеж дека ситуацијата не се решава, бидејќи на овој начин се штитат нечии бизнис интереси.

„Дека се работи за доходовен бизнис говорат следните податоци: годишно полагаат 1000 до 1200 кандидати на кои им се наплатува од 1000 до 1200 денари за користење на полигон. Тоа значи дека на годишно ниво се плаќаат 24 илјади евра. Изминатите две и пол години 70 илјади евра пари на битолчани се одлеале во соседните градови. Чии бизнис интереси се штитат со неотворањето на полигон во Битола“, праша Козаров.

Од ВМРО-ДПМНЕ демантираа дека се работи за бизнис интереси, туку за безбедност на граѓаните поради што во функција не се враќа стариот полигон.

„Во минатиот период полигонот каде се одржуваа вежбите за полагање возачки испит функционираше на јавно приватен паркинг кај спортската сала „Младост“. Истиот беше надвор од пропишаните стандарди и правила за современ полигон. Тоа е причината за неговата нефункционалност“, изјави Зоран Јошевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Досега се споменуваа повеќе локации каде би можело да биде поставен полигонот, па дури и во селото Поешево оддалечено пет километри од Битола и би бил во приватна сопственост. Од општината додаваат дека се доработуваат урбанистичката документација.

„Очекуваме во следниот период да се заврши постапката. Деталниот урбанистички план беше вратен на доработка, изведувачите го доработија и повторно е во Министерството за транспорт и врски. Ако од таму дадат согласност ние во најбрз можен рок ќе го поставиме на седница на Совет и ќе го прифатиме. Потоа нека повелат инвеститорите“, изјави битолскиот градоначалник Владимир Талески.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG