Достапни линкови

Мали портрети на седум македонски композитори


„Мали портрети на седум македонски композитори“ е насловена е-книгата на Ангелина Димоска и Тина Иванова што како издание на Центарот за музикологија се појави неодамна. Во неа се портретирани седум македонски автори од средната генерација, а станува збор за истражување кое се обидува да ја пополни празнината во литературата за музика која се однесува на композитори од поновата генерација.

Мирослав Спасов, Јана Андреевска, Вања Николовски-Ѓумар, Роберт Саздов, Никола Коџабашија, Панде Шахов и Михаило Трандафиловски се творците од средната генерација македонски композитори кои се портретирани во е-книгата „Мали портрети на седум македонски композитори“ на Тина Иванова и Ангелина Димоска што како издание на Центарот за музикологија се појави деновиве. Во делото авторките преку есеистички приод сакаат да дадат иницијална мотивација за понатамошно поопсежно истражување во оваа насока, бидејќи, во моментов, навистина е скудна литературата за музика која се однесува на композитори од поновата генерација.

Овие седум македонски композитори, иако имаат сосема различен уметнички профил што се пресликува во нивното творештво, различен тип на творештво, инспирации и идеи коишто ги пресликуваат во својот опус, имаат и одредени нешта што ги спојуваат.

„Овие седум македонски композитори, иако имаат сосема различен уметнички профил што се пресликува во нивното творештво, различен тип на творештво, инспирации и идеи коишто ги пресликуваат во својот опус, имаат и одредени нешта што ги спојуваат. Дел од нив занаетот го стекнале кај истите професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје, ѝ припаѓаат на генерацијата растена во 70-тите и 80-тите години на минатиот век, го искусиле политичкиот, општествениот, па и уметничкиот вредносен систем и на поранешна Југославија, а потоа и на независна Македонија, биле сведоци и на транзицијата. Скоро сите овие автори живеат или живееле надвор од Македонија или имале можност да го печат занаетот во многу поразвиени образовни центри и сите создале свој автентичен, личен уметнички и духовен хабитус со оглед на нивната генерациска блискост“, вели Димоска.

Таа дополнува дека во книгата тие сакале да го заокружат нивниот творечки сензибилитет и дека тоа го прават преку анализа на едно или повеќе дела кои што ги одбрале самите автори како централни во нивното досегашно творештво.

Тина Иванова, пак, забележува дека музикологијата е процес и дека како наука е врзана за разни научни дисциплини како што се композиција, естетика на музика, филозофија, историја на музика, социологија и дека затоа во создавањето на некое дело не може да се каже дека е тоа крај. Дека е тоа сè што требало да се опфати во него. Затоа, како што појаснува таа, книгата „Мали портрети на седум македонски композитори“ се фокусира на едно централно дело од опусот на композиторите и со самото тоа тежнее кон натамошни подлабоки и поопсежни истражувања.

„Оваа форма на пишување која недостига во литературата за музика кај нас ќе ја продолжиме и во иднина, но сега сакаме да се посветиме на жените композиторки од Македонија што сметаме дека е интересно за истражување и за компарација со останатите музички творци и повторно со заокружување на едно нивно дело кое го обојува нивниот досегашен креативен багаж“, вели таа.

Иванова ќе рече дека потрагата ќе ја продолжат со натамошна анализа и на други дела од обработуваните композитори, но и дека спојувајќи ја „Мали портрети на седум македонски композитори“ со „Жени композиторки – предводнички на новата генерација“, која исто така ќе биде електронска, сакаат всушност да направат едно врзивно ткиво и на крај да ја објават во реална, опиплива форма.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG