Достапни линкови

„Антифашистички белешки“ во Битола


Александар Литовски, историчар.
Александар Литовски, историчар.

Историчарот Александар Литовски од Битола ја промовира неговата книга „Антифашистички белешки“ во кои се осврнува на формите на фашизмот во минатото и денес.

„Антифашистички белешки“ е новата книга на докторот по историја Александар Литовски од Битола. Во неа се објавени колумните и есеите што ги пишувал во изминатите пет години за формите на фашизмот кои постоеле во минатото, а се јавуваат и денес.

Формите се најразлични - од популизам, национализам, национал-шовинизам, од демагогија, контрола на државата врз сите сегменти на општественото живеење, контрола врз медиумите, врз синдикатот. Пипците одат на сите страни, а тоа се симптоми на фашизам.
Александар Литовски, историчар.

„Формите се најразлични - од популизам, национализам, национал-шовинизам, од демагогија, контрола на државата врз сите сегменти на општественото живеење, контрола врз медиумите, врз синдикатот. Пипците одат на сите страни, а тоа се симптоми на фашизам. Јас се обидов да дадам историски преглед, не само на германскиот, туку австрискиот, унгарскиот, италијанскиот фашизам, па да можат да се извлечат некои аналогии со она што ни се случува нас денес и во Европа“, изјави Литовски.

Професорката Наташа Петровска, една од промоторите на книгата, изјави дека препознатлив белег е партизацијата на државата.

„Ние денес не можеме а да не кажеме дека не постои говор на омраза, дека не постои стравот кај човекот, дека обичниот граѓанин се чувствува беспомошен, дека институциите се всушност метастазирани со партиските ограноци и дека денес токму таа партијата, а не институциите одлучуваат за вас, за вашето дете и за тоа каде ќе се движи нашето општество“, рече Петровска.

Промотор на книгата беше и Стево Пендаровски, македонски политичар и професор, кој изјави дека може да се помисли дека станува збор за демодиран наслов.

„Кој сега ќе се бави со тој феномен што е апсолвиран и за кого знаеме сè? Незнаејќи, а во тоа е и најголемата вредност на книгата, дека ве поттикнува околу себе да ги гледате новите современи форми на фашизам. И да не мислите дека фашизмот може повторно да се појави само во Германија и дека луѓето кои ќе бидат негови промотори, идеолози мораат да се викаат Адолф Хитлер“, рече тој.

Пипци на неофашизмот има во повеќе европски земји, рече Пендаровски, но не може да го победат демократскиот режим.

„Европската унија не почива врз контрола, туку се потпира на плуралитет на мислата. Денешна Европа има профашистички појави скоро во секоја членка на ЕУ помалку или повеќе, но факт е дека доминантниот политички дискурс во нив е демократски. Тие дозволуваат, како што вели старата кинеска поговорка, да цветаат илјада цветови, а еден, два или пет да бидат оние кои помалку убаво мирисаат, остатокот е неспорно демократски концепт“, додаде Пендаровски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG