Достапни линкови

Ако партиите не се договорат, ќе ги договорат странците


Ако политичките партии не успеат да се договорат, тогаш меѓународната заедница ќе им понуди решение по принципот „земи или остави“.

Тестирање на расположението на меѓународната заедница или купување време се коментарите на дел од аналитичарите по пробивањето на роковите од четирите политички партии за спроведување на договорот од Пржино.

Јас мислам дека тие настојуваат да го измерат пулсот на меѓународната заедница со пречекорување на роковите за да увидат каква ќе биде нивната реакција.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева беше договорена среде ноќ пред истекот на договорениот рок, под силен притисок на меѓународните претставници. Договорот за изборното законодавство, според еврокомесарот Јоханес Хан, требаше да биде постигнат до 6 октомври, но рокот е пробиен и покрај притисоците од странците.

Власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за непостигнувањето договор. Во вакви услови се наметнува прашањето дали ќе има време другите точки од договорот да бидат целосно спроведени во договорените рокови. Европската комисија го одложи објавувањето на извештајот за напредокот на Македонија, а вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, рече дека од спроведувањето на договорот зависи дали Македонија и годинава ќе добие препорака за преговори со ЕУ.

Универзитетскиот професор Мерсел Биљали вели дека и на странските посредници им е тешко да излезат на крај со македонските политичари.

„Целта на оваа структура е да се изминира целокупно тој процес што се однесува на спогодбата и јас мислам дека тие настојуваат да го измерат пулсот на меѓународната заедница со пречекорување на роковите за да увидат каква ќе биде нивната реакција. Ако е жестока, тогаш најверојатно брзо ќе се согласат, а ако не, да можат да купуваат време или евентуално да го изминираат процесот во иднина“, вели Биљали.

Политикологот Митко Гаџовски, пак, вели дека и покрај пролонгирањето на роковите, договорот на крај ќе биде спроведен на време, не поради македонските партии, туку поради меѓународните претставници. Ако партиите не се договорат, меѓународната заедница на крај ќе им понуди решение по принципот „земи или остави“, вели тој.

„И покрај тоа што се пробиваат роковите, сепак еве гледаме дека на крајот ќе имаме готови решенија коишто веројатно нема да им одговараат на двете страни во преговорите, меѓутоа за да се успее да се стигне да се реализира тоа што е договорено ќе мора тоа да се одвива на таков начин, односно со готови договори коишто претходно ќе им бидат доставени на политичките партии“, вели Гаџовски.

Главна пречка за постигнување договор за изборното законодавство е гласањето на дијаспората.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG