Достапни линкови

Наставничкиот пленум ќе пробива преку опозицијата


Наставничкиот пленум ќе учествува во работната група за образование на СДСМ за образовните закони. Од Средношколскиот пленум велат дека се уште не донеле одлука какви мерки ќе преземат, откако во Собранието не помина законот за укинување на екстерното.

Откако предлогот на опозицијата за укинување на екстерното тестирање не помина во Собранието од Средношколскиот пленум велат дека се уште не донеле одлука какви мерки ќе преземат. Од Наставничкиот пленум, пак, ќе се обидат со нови методи, бидејќи како што велат, власта останала нема на нивниот отпор, по што решиле да се вклучат во работните групи на опозицијата и заедно да работат на нови решенија. И од двата пленуми остануваат на истиот став - екстерното тестирање да се укине.

Сакаме да докажеме дека ние сме една граѓанска организација пред сè, наставници кои се обединети околу една цел - подобро образование и таквите притисоци нема да ги земеме предвид, иако досега ги имавме цело време.

Андреј Битраков од Средношколскиот пленум вели дека дискутирале на генералниот пленум по прашањето, но засега нема договор за нивните идни чекори.

„Имаше дискусија околу тоа да даваме идеи. Беше предложено да бидат контактирани што повеќе средношколци, водејќи се од нашата хоризонтална поставеност и притоа од мнозинството на мислења да ги одредиме нашите чекори“, информира Битраков.

Влатко Секуловски од Наставничкиот пленум вели дека и во иднина планираат да продолжат со одредени активности за искажување на незадоволството од лошите реформи во образованието. Но, бидејќи власта останала нема за нивните барање и покрај нивните протести нашле слух кај работната група за образование на СДСМ.

„Планираме да учествуваме во овие групи, се разбира како независен субјект од образованието за да изготвиме нови закони за основно и за средно образование и се надеваме тука да наидеме на подобар слух каде би ги оствариле нашите замисли за подобро образование.“

Тој додава дека им е јасно оти ќе ги обвинат за политичка поврзаност со опозицијата, но тие го работат она што е во нивен интерес.

„Нашиот интегритет ќе го задржиме преку членовите кои ќе учествуваат во работните групи кои нема да бидат од хомоген состав, значи ќе има луѓе со различни политички убедувања во нив, и етнички и секакви други, сега на тој начин сакаме да докажеме дека ние сме една граѓанска организација пред сè, наставници кои се обединети околу една цел - подобро образование и таквите притисоци нема да ги земеме предвид, иако досега ги имавме цело време.

Во однос на тоа кога очекуваат новите закони да поминат во Собранието, Секуловски вели дека тоа можеби нема да се случи во овој пратенички состав, но во некој иден состав ќе бидат усвоени.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG