Достапни линкови

Скопски џез фестивал - Кандилце во мракот


Грегори Портер.
Грегори Портер.

Џејмс Блад Алмер, Грегори Портер, Авишаи Коен и Јоаким Кин се само некои од звучните имиња кои ќе настапат на 34. Скопски џез фестивал кој ќе се одржи од 15 до 18 октомври. Четирите фестивалски вечери ќе понудат изведби на уште дузина врвни инструменталисти чии уметнички концепти поодамна се бележани како посебност од светската критика.

На градот чие визуелно обележје станаа расфрланите споменици и триумфализмот на безумието, по 34-ти пат ќе му се случи жива вибрантна, слободарска уметност и културно ракување со светот. Од 15 до 18 октомври, во МОБ и во клубот Сити хол, ќе се одржи годинашниот Скопски џез фестивал. Манифестацијата која нè навикна со нагласена возбуда да го чекаме своето алтернативно бегство од реалноста, да го чествуваме духот на слободата на креацијата и, барем за миг, да поверуваме дека таму некаде на крајот од тунелот сè уште пламти потребата од нормалност.

За спуштање на завесата на 34-от Скопски џез фестивал на 18 октомври се предвидени два концерта чија цел е да го разбудат љубопитството на вистинските трагачи по музички возбуди.

И на него, во дослух со идејата водилка Фестивалот да биде пред сè репрезент на прогресивното во однос на комерцијалното, која од своја страна му ја донесе репутација на врвна светска манифестација на која е чест да се дојде повторно, ќе видиме и чуеме врвни музичари од САД, Велика Британија, Израел, Германија, Италија, Шведска и Канада.

Актуелната звуковна авантура ќе започне со стар познаник – американскиот гитарист Џејмс Блад Алмер. Следбеникот на ненадминатиот Хендрикс кој својски посегна по блузот, фанкот и фри-џезот и „неприкосновениот чувар на пламенот на движењето хармолодик креирано од големиот Орнет Колмен“, овој пат во Скопје ни доаѓа со последните четири објави продуцирани од Вернон Рид (ЛИВИНГ КОЛОР) од кои за „Birthright“ (вокал и гитара) ќе биде забележано дека е „ремек дело и веројатно неговото најинтимно издание“.

Веднаш по него ќе настапи италијанскиот тромбонист Џанлука Петрела со своите „Космик ренесанс“. Добитникот на наградите „Џанго“, „Најталентиран млад музичар“, онаа на магазинот „Музика џез“ и човекот кој свирел со Енрико Рава, Паоло Фресу, Стивен Берншатјн, Стив Колман, Грег Озби, Пет Метини, истиот оној кој во 2007 ја славеше музиката на Сан Ра, ќе ја претстави својата нова слободна и интимна музичка идеја развивана низ различни музички форми.

Втората вечер ќе ја отвори нам добро познатиот германски пијанист – космополит Јоаким Кин, кој себе си се смета за традиционалист во џезот поврзан со европската класична звуковност и директен „заложник“ на музичката модерна.

И, веднаш потоа следува триото на еден од најголемите светски виртуози на контрабас, инвентивен автор и мислител – Израелецот Авишаи Коен. Од член на секстетот на Чик Кореа „Origin“, преку значаен актер на њујоршката сцена кој стоел рамо до рамо со Бред Медау, Рави Колтрејн, Винтон Марсалис, со 15 самостојни албумски објави, од кои „From Darkness“ (објавен во февруари годинава) е сведоштво за неговиот растеж како творец, Авишаи стана миленик на публиката чие враќање кон базичното, всушност е вовед во нова неочекувана музичка авантура.

Конечно завршниот удар длабоко во ноќта се очекува да го зададат МЕЛТ ЈУАРСЕЛФ ДАУН, авангардната шестчлена супергрупа од Велика Британија (која името го позајмила од една композиција на драгиот и распојасан саксофонист Џејмс ченс) чиј интензивен микс на џез, панк и афро музика од критиката е бележан како „непредвидлива и неодолива мултижанровска експлозија“ која никого не остава рамнодушен.

В сабота на 17 октомври, љубителите на убавата музика најнапред ќе имаат можност да го проследат рециталот на, според „Даунбит“, еден од визионерите на новиот музички бран – американскиот пијанист и композитор Крег Тејборн. Него „Џез тајмс“ во 2013 го прогласува за пијанист на годината, а лани Асоцијацијата на џез-новинари му ја додели наградата за најдобар инструменталист.

И, по еден таков условно земено „вовед“ следува Грегори Портер, кој по средбата со флејтистот Хуберт Лоуз во 2010 (од кога бил ангажиран да отпее една песна од каталогот на легендарниот Нет Кинг Кол) со само три објави, од кои за „Liquit Spirit“ доби престижната награда „Греми“ за најдобар вокален џез-албум стана вистинска мега-ѕвезда и најдобриот и најбараниот џез-пејач во светот денес. Ова е дефинитивно најкомерцијалниот, но и најкомуникативниот концерт од годинашната несомнено квалитетна и разнолика програма на Скопје џез фестивал.

А, вториот, пак, од годинава редуцираната програма на полноќни концерти, ќе му припадне на наградуваниот алт-саксофонист и рапер и еден од највозбудливите и најразновидните претставници на британската џез и хип-хоп сцена Совето Кинч. Неговата музика забележана на четири дискографски проекти е опишана како „прекрасна комбинација на музичка брилијантност, духовитост, несекојдневен сценски настап и врутоци на чиста енергија“.

За спуштање на завесата на 34-от Скопски џез фестивал на 18 октомври се предвидени два концерта чија цел е да го разбудат љубопитството на вистинските трагачи по музички возбуди.

Колин Стетсон и Сара Нуфелд се монтреалско дуо кое зад себе ги има соработките со Том Вејст, Лу Рид , Лори Андерсон (саксофонистот) и се разбира бендот АРКЕЈД ФАЈР (во кое членува виолинистката и вокалистката) и креира звучни слики (особено карактеристични за албумот „Never Were the Way She Was“) за кои се вели дека се „музички хроники“ со сопствени хоризонти, саундтраци на кои не им се потребни слики за поттикнување на имагинацијата на конзументите“.

Од друга страна, пак, за музиката на шведскиот состав ЕЈНЏЕЛС 8, дружината собрана околу алт-саксофонистот Мартин Кихен, од критиката е забележано дека претставува извонредна комбинација од разновидни влијанија која има моќ со опуштеното колективно чувство да ги разоружа сите скептици. Сосема доволно.

И, кон ова само уште информацијата дека во рамки на манифестацијата ќе се одржи и изложбата на џез фотографии на словенечката авторка Петра Цвелбар која повеќе години е присутна на Скопски џез фестивал.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG