Достапни линкови

logo-print

Трите планови на Специјалниот Обвинител


Во текот на следната недела, Советот на јавни обвинители треба да ја закаже седница на која ќе се разгледуваат трите плана на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Специјалното јавното обвинителство денеска до Советот на јавни обвинители, Владата и Собранието доставило општ работен, персонален и финансов план на Обвинителство кое ќе работи на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, се наведува во соопштението на Обвинителството.

Во соопштението специјалната обвинителка Катица Јанева изразува очекување Советот за јавни обвинители да ги имплементира плановите и да ги избере јавните обвинители предложени од нејзина страна.

„По однос на содржината на плановите ја известуваме јавноста дека плановите се направени врз основа на анализа на досега достапните податоци за предметите, очекувањата за прилив на нови предмети, како и реалните потреби за обезбедување на независност и автономност во работењето на Јавното обвинителство“, се наведува во соопштението.

Советот на јавни обвинители во текот на следната недела треба да ја закаже седница на која ќе се разгледуваат трите плана на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Од Советот информираат дека, откако сите членови поединечно ќе ги разгледаат плановите, ќе биде закажана и седницата на Советот.

Јас мислам дека треба да биде пристоен буџетот, а не како што се сега буџетите на правосудните органи коишто мака мачат да ја истераат годината.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски вели дека во работниот план на Јанева треба да биде опишано како ќе биде организирана работата и како ќе стартуваат истрагите.

„Мислам оти дека нешто поконкретно околу планот треба да се обмисли на каков начин да се постигне самоконтрола во работата. А што е самоконтрола? Низ една оценка на доказите коишто ги има да биде колективна, а крајниот збор да биде од специјалниот јавен обвинител“, вели тој.

Трпеновски препорачува одлуките да се разгледуваат на стручен колегиум со колективна оценка на доказите, односно да не се дозволи само индивидуална обработка на материјалите. Тој додава дека специјалната обвинителка треба да дава почести отчети во јавноста.

Според Трпеновски, нејзиниот тим прво треба да се зафати со оние случаи за кои со помалку работа и помалку губење на време ќе дојдат до конкретен резултат, затоа што ако во почетокот се зафатат со многу сложени проблеми, тогаш времето ќе создава нервоза кај нив.

„Мислам дека треба со полна сериозност, она што значи најтешки случаи на организиран криминал со најтешки последици од материјална смисла, или последици по здравјето, животот и слободата на одредени лица, тоа ќе треба многу опсежно да се согледа и да се направи анализа и на секој доказ којшто се нуди да се направи оценка дали може да се подигне на степен на судски доказ по што ќе може судот да го земе во обработка и да ја заснова пресудата“, вели тој.

Во финансискиот план треба да биде одредено колку пари му се потребни на тимот за плати, за истрага, за стручни и надворешни соработници, истражители, како и трошоци за патувања и истраги во странски земји кои беа спомнати во неколку аудио снимки од објавените прислушувани разговори, затоа што само канцелариски не може да се оствари функцијата на специјалниот обвинител, вели Трпеновски.

„Еден финансиски комодитет којшто ќе биде усмерен во прибавувањето на доказите и она што значи предмет на работа, а не во друг смисол. Затоа јас мислам дека треба да биде пристоен буџетот, а не како што се сега буџетите на правосудните органи коишто мака мачат да ја истераат годината“, вели тој.

Откако финансискиот план ќе биде одобрен од Советот, министерот за финансии ќе треба веднаш да префрли пари на сметката на Специјалното обвинителство.

Во однос на персоналниот план, треба да биде наведено кој сè ќе работи заедно со основниот тим од 14 обвинители.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG