Достапни линкови

Изборниот законик не може да ги реши сите проблеми


Сериозните забелешки за последните неколку изборни циклуси наведени во извештајот на меѓународните набљудувачи не можат да се надминат со сегашните преговори.

Државната изборна комисија продолжи да биде поделена по партиски линии за сите политички спорни прашања, несоодветно одвојување на партиските од државните интереси, наводи за заплашувања врз избирачите, злоупотреба на државните ресурси во текот на изборната кампања, загриженост во однос на точноста на избирачките списоци, се дел од забелешките за последниот лански изборен циклус наведени во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР.

Ќе реши одредени проблеми, но не и сите. Прво во однос на заплашувањето на гласачите, изборниот законик нема да донесе ништо ново, за тоа треба да се направи една општа клима за да нема заплашувања на граѓаните.

Според поранешниот претседател на Државната изборна комисија Александар Новаковски, сите овие сериозни забелешки наведени во извештајот на меѓународните набљудувачи не можат да се надминат со сегашните преговори и новиот документ за изборните правила.

„Ќе реши одредени проблеми, но не и сите. Прво во однос на заплашувањето на гласачите, изборниот законик нема да донесе ништо ново, за тоа треба да се направи една општа клима за да нема заплашувања на граѓаните. Второ, во поглед на мешањето на државата и партиите може делумно да се ублажат некои последици, но сепак тоа ќе зависи и од самите партии и од нивното однесување во целиот овој период од кога ќе се усогласат“, вели Новаковски, кој додава дека сепак суштинска останува политичката волја на партиите за одржување на фер и демократски избори.

Покрај овие забелешки во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР се наведува и дека најголем дел од медиумите во голема мера биле пристрасни во полза на владејачката партија и главно негативни против главната опозициска партија, а јавниот радиодифузер не обезбедил избалансирано и еднакво медиумско покривање за сите кандидати и партии. Политичката волја е клучна и за подобрување на ситуацијата со медиумското известување, вели претседателот на комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите, Мирче Адамчевски.

„Може да се променат тие работи, но сигурно не во целост, затоа што е краток рокот за целосна измена или носење на нов закон и негова примена, но може да се направи многу, односно да се појасни улогата на Агенцијата за аудио визуелни медиумски услуги и се разбира да се каже која е рамката во која што може да се движат националните комерцијални телевизии“, вели Адамчевски.

Инаку, последните измени на Изборниот законик беа извршени лани на 24 јануари, пред одржувањето на претседателските и парламентарните избори. И со нив се воведоа одредени гаранции за раздвојување на партијата од државата, поголеми права за политичките партии за увид и барање на измени во избирачките списоци, но останаа сличните проблеми.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG