Достапни линкови

Целта на казната затвор - помеѓу теорија и пракса


Елена Брмбеска, истражувачка во Хелсиншкиот комитет на Македонија.

Елена Брмбеска, истражувачка во Хелсиншкиот комитет на Македонија.

Казнената политика и затворските услови даваат погубни резултати при остварувањето на целите на казната затвор, пишува Елена Брмбеска, истражувачка во Хелсиншкиот комитет, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Со многубројните реформи на затворскиот систем низ историјата на казнувањето, се забележува и еволуција на целите на самата казна затвор. Теориите варираат од Бекарија во 18-тиот век, (Cesare Beccaria: On Crimes and Punishment, 1764), па се до Фуко во 20-ти век (Michel Foucault: Discipline and Punish, The Birth of the Prison, 1977). Иако во различни периоди се различно застапени, се провлекуваат четири основи цели на затворската казна кои се со подеднакво значење.

Се смета дека со лишувањето од слободата престапникот го плаќа својот долг кон општеството, а со неговото отстранување од околината се заштитува и остатокот од населението од криминални дејства.

Најпрво е ретрибуцијата или општествена „одмазда“ за стореното зло. Со своето дело, злосторникот го нарушил редот и мирот во заедницата и општеството, истовремено предизвикувајќи помала или поголема штета на некој друг. Како последица на тоа, се смета дека со лишувањето од слободата престапникот го плаќа својот долг кон општеството, а со неговото отстранување од околината се заштитува и остатокот од населението од криминални дејства. Суштината на казната се состои во самото одземање односно ограничување на неговата слобода, придружено со разделувањето од своите блиски и семејството. Недопуштено е условите кои сторителот ги ужива во самата затворска установа дополнително да ја отежнуваат веќе изречена казна. Неговото страдање мора да биде исклучиво последица на одземањето на слободата.

Рехабилитацијата на сторителот е втората цел на затворската казна. Оваа цел на казната има улога условно кажано да го поправи сторителот, односно да го врати во состојбата во која бил пред да го изврши делото.

Во нераскинлива врска со рехабилитација се појавува и ресоцијализацијата на сторителот, како уште една цел на казната затвор. Ресоцијализацијата подразбира дека сторителот треба одново да се оспособи за животот во заедницата и да се врати од затворот како општествено корисно битие, без притоа затворскиот живот да остави трајни последици по неговиот понатамошен развој. Истовремено, тој ќе ги согледа последиците од своето дело, ќе биде свесен за штетата која ја предизвикал и ќе се намали веројатноста за неговото повторно злосторство. Овие две цели одат рака под рака, а се постигнуваат преку едукативни мерки, редовна индивидуална и групна терапија.

Последната цел на казната затвор е превенцијата односно одвраќање од сторување кривични дела, насочена во две насоки. Првата, специјална превенција подразбира премислување на сторителот повторно да изврши кривично дело, поучен од извршувањето на казната затвор дека доколку го повтори делото, слободата ќе му биде одземена. Другиот аспект на специјалната превенција е врзан за конкретното кривично дело, односно знаејќи дека за тоа дело постои затворска казна, сторителот ќе се воздржи од негово извршување во иднина. Ова води и кон општата превентивна цел на казната затвор, која на одреден начин го заплашува населението во целина дека за одредено кривично дело постои затворска казна.

Криминолошко-пенолошките теории за целта на казната затвор се поткрепени и нераскинливи од концептот на човекови права. Пропорционалноста на ретрибуцијата како цел на казната затвор е ограничена со почитувањето на првото на живот и слободата од тортура. И покрај целта да се казни сторителот на делото, одговорот на општеството не смее да го негира или одземе достоинството и интегритетот на поединецот. Ресоцијализацијата и рехабилитацијата се остваруваат преку правото на образование и правото на работно ангажирање кое мора да биде овозможено во затворите.

Сега да се вратиме на праксата.

Иако Република Македонија не спаѓа во земјите со огромен број на затворска популација (според www.prisonstudies.org, се наоѓа на 37-мо место од 57 држави низ Европа), казнената политика и затворските услови даваат погубни резултати при остварувањето на која било од погоре наведените цели на казната затвор.

И покрај целта да се казни сторителот на делото, одговорот на општеството не смее да го негира или одземе достоинството и интегритетот на поединецот.

Селективната правда е секојдневие диктирано од општествено-политички фактори. Ужасните затворски услови го одземаат и најмалото количество на достоинство останато кај осудениците. Наместо одземањето на слободата да е единствена казна за сторителите на кривични дела, кај нив често се јавува чувство дека се одново и одново казнувани преку голготата која ја поминуваат при отслужувањето на нивната првична казна. Огромниот процент на пренатрупаност, не само што деградира и понижува, туку ги надминува праговите и прераснува во мачење. Приватноста е апсолутно непостоечка. Премногу честото одредување на мерката притвор и неговото прекумерно траење од понекогаш и две години, во целост ја нарушува пресумпцијата на невиност и повторно, се доживува како казна без правосилна осуда.

Процесот на рехабилитација и ресоцијализација е речиси непознат во затворските установи низ Македонија. Образованието, кое по меѓународните стандарди и домашните закони е задолжително, да им се овозможи на осудениците кои сакаат да се (до)образуваат, е недостапно, дури и за малолетните лица осудени на казна затвор. За трагедијата да биде поголема ситуацијата достигнува степен каде што смртни случаи се појавуваат како резултат на недоволна или ненавремено обезбедена лекарска грижа. Целосниот концепт на „третман“ на затворениците кој би водел до нивно рехабилитирање е за жал само теоретски.

Неостварувањето на претходните цели на казната затвор на крај водат кон неостварување на последната, превентивна улога на мерката. Наместо ефективни казнени политики и намалување на криминалитетот, сѐ повеќе се соочуваме со рецидивистичко однесување на престапниците, кои навикнати на затворскиот живот не размислуваат два пати пред свесно да извршат дела кои знаат дека ќе ги вратат назад.

Дополнително отежнувачка околност е (не)прифаќањето на затворениците од општеството по завршувањето на нивната казна. Стигмата која преовладува кон поранешните осуденици, практично не дозволува нивна реинтеграција. Дотолку повеќе, тие се отфрлени и од сопствените семејства па враќањето во „нормалното“ секојдневие е невозможно. Веќе неколку години во изработка е пробациската служба која ветува реформи и подобрување во пост-пеналната помош на осудениците, но нејзината конкретна форма и имплементација е сѐ уште утопија.

Промената е повеќе од неопходна за целта да биде исполнета.

Ставовите на авторот на оваа колумна не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на Радио Слободна Европа на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG