Достапни линкови

Јункер - Неопходни се подобри односи со Русија


Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер изјави дека Европа мора да ги подобри односите со Русија. Говорејќи во германскиот град Пасау, каде што посети еден центар за азиланти, тој изјави дека мигрантската криза би можело да потрае неколку години и оти на Европа не и требаат ѕидови од Студената војна.

Јункер смета дека Русија би требало да биде пристојно третирана и на рамноправна основа.

Тој го критикуваше американскиот претседател Барак Обама кој Русија ја окарактеризира како регионална сила.

„Познато ми е од разговорите со рускиот претседател Владимир Путин дека тој не прифаќа фрази како онаа на Барак Обама дека Русија била регионална сила. Што тоа треба да значи? Не можете да разговарате со Русија на таков начин. Русија сака со неа да се разговара на рамноправен начин и тука Русите се во право“, изјави Јункер, додавајќи:

„Не можеме да дозволиме нашите односи со Русија да бидат диктирани од Вашингтон“.

Според Јункер, Европа треба да поработи на подобрување на односите со Русија, бидејќи, како што рече, не можат да продолжат работите какви што се сега.

Не можеме да дозволиме нашите односи со Русија да бидат диктирани од Вашингтон.

„Мораме да направиме напори кон практични односи со Русија. Тоа не е секси, но таков е случајот. Не можеме да продолжиме вака“, изјави Јункер.

Сепак, претседателот на Европската комисија ја критикуваше Москва за анексијата на Крим.

Релациите меѓу Москва и Западот се веќе на ниво на оние од Студената војна откако во март минатата година Русија го анектира Крим и почна да им дава поддршка на проруските сепаратисти во источна Украина.

Европа и Соединетите Држави воведоа санкции, а односите дополнително се влошија откако Москва почна воздушна кампања во Сирија против опонентите на претседателот Башар ал Асад.

Оваа воена кампања радикално го смени курсот на над четири годишниот конфликт во Сирија.

Западните земји остро ја критикуваа руската воена интервенција, обвинувајќи ја Москва дека повеќе сака да му помогне на претседателот Асад отколку да се справи со милитантите на Исламската држава кои оперираат во Сирија.

Жан Клод Јункер за време на престојот во Пасау изјави дека мигрантската криза, главно поттикната од војната во Сирија, би можело да потрае неколку години.

Тој предупреди дека во регионите не толку далеку од Европа биле во движење над 25 милиони луѓе и оти Стариот континент не ќе може да ги прифати.

Но, одговорот, како што рече, не е фортификација на Европа како за време на Студената војна.

„Доволно долго време имавме Ѕид во Европа. Секако дека веќе не ни се потребни нови“, рече претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер.

Во меѓувреме, во Луксембург, Европската унија се обврза да им даде помош на балканските земји, како и на оние кои се во соседство на Сирија и кои се соочуваат со бегалската криза.

„Мораме да ги здружиме силите за да се соочиме со проблемот што ќе продолжи и ќе биде тежок“, изјави шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG