Достапни линкови

logo-print

Димовски: Подготвени сме за продолжување на разговорите


Пратеникот Илија Димовски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за продолжување на разговорите за измените на изборното законодавство, а најспорни прашања се гласањето во ДИК, Избирачкиот список и гласањето на дијаспората. ВМРО-ДПМНЕ смета дека треба да се задржи постојниот модел за гласање на дијаспората, додека СДСМ предложила концепт за да нема пратеници од дијаспората, барајќи цензус од 90 проценти, вели Димовски. Тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ во врска со Избирачкиот список го профатила предлогот на СДСМ, откако опозициската партија се откажала од ставот за активна регистрација на гласачите. Вчера СДСМ предложила вмрежување на податоци од сите институции, кои би се слеале во една база и би се споредувале. Исто така била предложена теренска проверка на лица кои би ги немало во базата. Методологијата за проверка дополнително би се утврдила.

ВМРО-ДПМНЕ, како што вели Димовски, не се спротивставува на предлозите на СДСМ бидејќи сакаат тие да веруваат во Избирачкиот список. СДСМ, вели, свесно даваат предлог кој нема да резултира со измени во Избирачкиот список. Ваквите ставови на СДСМ, според ВМРО-ДПМНЕ, значат признание дека Избирачкиот список и досега бил во ред. Во врска со дијаспората, ВМРО-ДПМНЕ смета дека гласањето треба да остане и да се бираат тројца пратеници. СДСМ според владејачката партија предлага концепт што значи да нема пратеници од дијаспората со цензус од 90 проценти. Не е договорен начинот на гласање во Државната изборна комисија. СДСМ, според Димовски, предложил модел што остава простор еден или двајца членови да го блокираат целиот процес на одлучување на Комисијата. Усогласени се 80-90 проценти од прашањата за медиумите поврзани со изборите.

XS
SM
MD
LG