Достапни линкови

logo-print

Предлогот за забрана на бомбите - главна тема во весниците


Предлог-законот за забрана на бомбите, кој кусо по доставувањето беше повлечен од предлагачите, е главна тема во дневниот печат.

Повлечен законот за забрана на објавување на прислушуваните разговори - е веста број 1 што ја објавија сите печатени медиуми во своите он-лајн изданија, на прво место или малку подолу, во зависност од уредувачката политика.

Цензура врз бомбите, бомба врз преговорите!.

Утрински наведува дека двајцата предлагачи од владејачката коалиција, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, Талат Џафери и Крсто Мукоски, во средата вечер потпишале повлекување на предлог законот кој всушност и ги закочи меѓупартиските преговори за изборната регулатива. Утрински ја објавува кусата изјава на Европската комисија презентирана од порпаролката за надворешна политика, Коцијанчич, дека „Предложениот закон е повлечен од Парламентот“, а како реакција на тврдењето на иницијаторите на контроврзниот предлог дека за него имаат поддршка од сите партии во преговорите, па и од ЕУ и САД.

Изјавата на ЕК ја пренесува и Вечер. Истиот весник пишува за „Игра со нерви со законот за забрана на ʼбомбитеʻ“ објавувајќи ги најразличните изјави на протагонистите во преговорите за „судбината“ на предлогот кој го доведе во прашање натамошното спроведување на политичкиот договор за излез од кризата. Дневник објави текст со наслов: „Цензура? Мора да се шегувате!“, во кој цитира одредби од Кривичниот закон донесен уште во 1996-та со кој се забранува објавување на неовластено направени снимки од телефонски разговори, сепак наведувајќи дека СДСМ тврди дека неовластеното прислушување го правела власта.

Слободен печат во насловот констатира: „Цензура врз бомбите, бомба врз преговорите!“, објавувајќи ја заканата на Заев дека доколку контроверзниот предлог не се повлече, веднаш ќе продолжи со нови ʼбомбиʻ.

Истиот весник информира дека СДСМ ја претстави новата партиска платформа „Визија за Македонија“ во која покрај другото се наведува дека „ќе гради побогато, стабилно и безбедно општество“.

Вечер објавува само коментар на необјавената информација со свој наслов: „Визија за Провизија за Македонија“, со цинична забелешка дека Заев и Шеќеринска цел живот биле заинтересирани само за провизии.

Утрински објавува повеќе информации од нашето секојдневје: дека „За осум месеци сме увезле храна за 350 милиони евра и покрај тоа што Македонија се нарекува земјоделска држава“;

„За осум месеци стотина загинати на македонските патишта“;

„Некој мора да поцрвени од црвенилото во Брегалница“.

И на крај, не како помалку важни, вестите што исто така ги објавува Утрински, дека Србија не ја затвора границата со Македонија и покрај тоа што напливот на бегалци нема да стивне, а Гевгелија и Табановце се подготвуваат за работа во зимски услови и дека Турција очекува уште еден милион бегалци по руските напади во Сирија, а во земјите што граничат со таа земја во моментов има три милиони бегалци.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG