Достапни линкови

logo-print

Нема договор за изборното законодавство


Остануваат отворени низа клучни отворени прашања меѓу кои и прочистувањето на избирачкиот список и гласањето на дијаспората.

Пропадна повеќечасовниот обид на меѓународните претставници македонските политичари да постигнат договор за изборните измени. И покрај тоа што средбата траеше до раните утрински часови, а попладнето и посредникот Питер Ван Хоит и евроамбасадорот Аиво Орав беа оптимисти, ставовите на претставници на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА во работната група не успеале да се приближат.

Доколку остане и мал дел од она што го имавме на изборите тогаш ќе ни се случи повторно да имаме власт каква што имавме во изминатите неколку години.

Како што се дознава од извори вклучени во преговорите, остануваат отворени низа клучни отворени прашања меѓу кои и прочистувањето на избирачкиот список и гласањето на дијаспората.

Од она што се знаеше претходно, странците предложиле македонските државјани во странство на изборите на 24 април да немаат право на глас, а избирачкиот список да се прочистува со теренска проверка и вкрстен преглед на податоците од државните институции. Најавите сега се дека е можно меѓународните претставници претходниот предлог да го модифицираат и да им го достават на претставниците на работната група утре во готова форма.

Сите партии треба да бидат свесни дека договорот е компромис.

Евроамбасадорот Орав претпладнево рече дека навистина било разочарувачки што обврската што ја преземаа лидерите во однос на крајниот рок од шести октомври не беше испочитувана.

Според професор Никола Дујоски, тоа што договорот се одолговлекува е прашање на заземање на позиции за следните избори, што, како што вели, бил многу нефер однос.

„Некој сака да има избори какви што имавме во изминативе неколку изборни циклуси што никако не смее да биде суштина на овие преговори. Доколку остане и мал дел од она што го имавме на изборите минатата година и годините пред неа, тогаш ќе ни се случи повторно да имаме власт каква што имавме во изминатите неколку години бидејќи начинот на кој доаѓа на власт многу се отсликува понатаму и во практицирањето на власта“, вели Дујоски.

Аналитичарот Владимир Божиновски, пак, смета дека не е толку важно што се пробиени роковите туку како што вели побитно било да се постигне суштински договор.

„Сите партии треба да бидат свесни дека договорот е компромис и не може да се очекува дека едноставно ќе се прифаќаат некои работи од едната или од другата страна колку да се испочитуваат роковите без притоа да се направи некаков компромис во ставовите на самите политички партии“, вели Божиновски.

Очекувањата дека ќе се стигне до договор се засилија откако доцна вечерта пратениците Талат Џафери и Крсто Мукоски го повлекоа предлог законот за необјавување на т.н. бомби, нешто што СДСМ го поставуваше како услов за да продолжат договарањата за изборните измени.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG