Достапни линкови

Цензура на чекор до диктатура


Предлогот за забрана на објавување на „бомбите“ е уште еден обид на власта за цензура и би претставувало голем удар врз слободата на изразувањето. Дел од новинарите велат дека забраните влеваат страв, но дека критичката мисла не може да се запре.

Предлог-законот за забрана на објавување на таканаречените бомби и нивно бришење од медиумите е повлечен од собраниска процедура и се враќа на доработка во работните групи. До 20 октомври, според најавите, законот ќе треба да биде донесен заедно со законот за заштита на „свиркачите“.

Се разбира може да наметнат милион закони на овој свет кои ги ограничуваат слободите и правата и да не приклучат кон Северна Кореја.
Билјана Секуловска, НоваТВ.

За новинарите таквите закони се уште еден обид на власта за цензура и би претставувале голем удар врз слободата на изразувањето.

Билјана Секуловска, основач на веб порталот НоваТВ вели:

„Да забраните објавување на информации во 21 век, да забраните медиумите да објавуваат јавно и да забраните јавноста да нема право на информации е тотална најава на диктатура, затоа што ова беше предлог закон затоа велам најава за диктатура на тоталитарно општество“, смета Секуловска.

Драконските казни во самиот закон и апсурдните одредби се доволни сами по себе да новинарите бидат исплашени
Сеад Ризвановиќ, 24 вести.

Сеад Ризвановиќ, главен и одговорен уредник во телевизија 24 вести, вели дека несомнено е оти целта на предлог-законот е да се воведе цензура и страв кај новинарите за во иднина два пати да размислат дали ќе објават сензитивни содржини.

„Драконските казни во самиот закон и апсурдните одредби се доволни сами по себе да новинарите бидат исплашени и тоа поучени од досегашното искуство во земјава, особено од они клучни случаи, како оној со новинарот Томислав Кежаровски да бидат навистина исплашени и навистина веќе да не смеат да објавуваат сензитивни материјали и кои би можеле да и наштетат на оваа или било која друга власт“, вели Ризвановиќ.

Некако ќе им наметне на новинарите авто-цензура и може да се каже дека овој закон е во прилог на јавните функционери, а не на граѓаните.
Елида Зилбеари, Порталб.

И Елида Зилбеари, уредник на веб порталот Порталб смета дека предлог законот е во спротивност со јавниот интерес, затоа што им ја ограничува работата на новинарите, чија основна цел им е да истражуваат сомнежи за злоупотреби, криминал и корупција.

„Ваквиот закон никако не смее да биде донесен. Ако се донесе дополнително ќе се влоши состојбата во медиумите во Македонија, која и така е лоша и некако ќе им наметне на новинарите авто-цензура и може да се каже дека овој закон е во прилог на јавните функционери, а не на граѓаните“, вели Зилбеари.

Секуловска додава и дека смешна е забраната за објавување на содржини и во странство и не може да ја избришат колективната меморија на македонските граѓани. Според неа, со вакви закони нема да се замолчат критичките новинари.

„Мислам, тие може да го наметнат овој закон. Се разбира може да наметнат милион закони на овој свет кои ги ограничуваат слободите и правата и да не приклучат кон Северна Кореја. Тоа за нас критичките новинари ништо не значи“, порачува Секуловска.

Ризвановиќ додава дека такви закони тешко би поминале, бидејќи сепак Македонија е земја во Европа и не се работи за Северна Кореја и засегнатите страни би нашле начин тие материјали да допрат во јавноста. Зилбеари порачува дека новинарите треба обединето да се спротистават.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG