Достапни линкови

Дозвола од сопругот за да може да се вработи


Истражувањето за вклученоста на жените во пазарот на трудот во општина Битола покажува дека голем е бројот на жени кои за да се вработат бараат дозвола од мажите. Дури 65 проценти од 150 невработени испитанички не се пријавиле во Агенцијата за вработување.

Скоро 50 проценти од невработените битолчани се жени. Од 6.885 лица без работа, дури 3.375 се припаднички на понежниот пол. Невработени мажи има за 500 повеќе отколку жени.

Односно поразителна бројка на жени одговараат дека им треба дозвола на машките членови во семејството за да се вработат.

„Секаде барам работа, но нема. Во градот е тешко да се најде работа дури и за продавачка во бутик“, се жали една битолчанка.

Според истражувањето на женската граѓанска иницијатива „Антико“ насловено како „Можности и бариери за вклученоста на жените во пазарот на трудот во општина Битола“, дури 65 проценти од 150 невработени испитанички не се пријавиле во Агенцијата за вработување.

„Општина Битола покажува малку подобри резултати од другите градови во внатрешноста. Но, најголем дел од невработените жени што ги анкетиравме, околу 65 проценти одговорија дека не се пријавени во Агенцијата за вработување, од причина што не веруваат дека на тој начин ќе најдат вработување. Понатаму голем дел од овие жени не знаат кои се нивните бенефити доколку се вработат во Агенцијата за вработување и воопшто не се запознати со мерките што на централно ниво се нидат за вработување“, вели Александра Јовевска од „Антико“.​

Истражувањето покажало дека голем е бројот на жени кои за да се вработат бараат дозвола од мажите.

„Како заклучок на ова истражување беше дека самата традиција игра голема улога во вработувањето на жените. Односно поразителна бројка на жени одговараат дека им треба дозвола на машките членови во семејството за да се вработат“, додава Јовевска.

Во иднина ќе се прави стратегија за јакнење на капацитетот на општината да им помогне на жените во надминување на проблемот со невработеноста.

„Ќе се организираат сесии за изготвување на посебни пилот мерки за тоа што општината може во рамки на своите ингеренции да им го олесни процесот на вработување на самите жени. Тоа би било на пример, изградување на повеќе градинки, бидејќи повеќето кажуваат дека нема каде да ги остават децата за да одат на работа. Или да се помогне во транспортот на жените од руралните средини до работните места“, додава Јовевска.

Од Општината сметаат дека невработеноста драстично ја имаат намалено преку вработувањата во германската компанија „Кромберг и Шуберт“. На интернет страницата, пак, на Агенцијата за вработување има податок дека во градот има дури 703 слободни работни места.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG