Достапни линкови

Книжевни ѕвезди на првиот Фестивал на европска литература


Саем на европската литература, гостувања на странски и на домашни автори, неколку ексклузивни промоции на книги како оние на Изабел Вери и Захари Карабашлиев и други фестивалски настани се планирани за првото издание на „Букстар“ - првиот фестивал на европска литература во Македонија, кој од 10 октомври и сè до крајот на месецот ќе се одржи во организација на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје.

Македонија овој октомври го добива и првиот фестивал на европската литература. Во рамките на „Букстар“ („Книжевни ѕвезди“), манифестацијата што како идеја и организациски ја потпишува издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, од 10 до крајот на октомври, планирано е да се одржат Саемот на европската литература, неколку промоции на книги на значајни европски писатели и на домашни автори и други настани кои му прилегаат на еден ваков фестивал.

Се поголем е бројот на книги коишто се продуцирани во овој сегмент т.н европска литература, во кое што семејство сметам дека е и македонската литература и македонските автори. Тие нему природно му припаѓаат, особено естетски и креативно исто колку и географски, така што сметавме дека и „Антолог“ треба да даде свој придонес и нашата желба е тој однос да го продлабочуваме и да го зголемуваме.

Во пресрет на неговото обистинување Жарко Кујунџиски, писател и уредник во „Антолог“, вели дека интересот на македонските читатели за литературата од писатели од Европа во последните години е очигледно зголемен, па затоа се појавија голем број нови преводи на класици, но и на еминентни и наградувани дела од современата европска литература. Тој дополнува дека во овој период бележити се и промоции и гостувања на бројни автори од Стариот континент, така што тие како книгоиздателство дошле на идеја дека тој нагорен тренд во интересот за европската литература и кон литературата воопшто, едноставно треба да го поддржат на свој начин.

Бугарскиот писател Захари Карабашлиев.

Бугарскиот писател Захари Карабашлиев.

Сакаме од година во година бројот на застапени македонски писатели во програмата „Македонска поддршка“ да биде што поголем и поголем. Тие ќе имаат можност да ги запознаат европските писатели, од кои мнозина ќе дојдат со своите агенти, така што директно ќе можат да го воспоставаат тој контакт на книжевен план. Нам идејата не ни е еднонасочна, туку секогаш ќе се залагаме за двонасочна комуникација помеѓу творците бидејќи само тоа е комуникација. Во спротивно се случува монолог.

„Се поголем е бројот на книги коишто се продуцирани во овој сегмент т.н европска литература, во кое што семејство сметам дека е и македонската литература и македонските автори. Тие нему природно му припаѓаат, особено естетски и креативно исто колку и географски, така што сметавме дека и „Антолог“ треба да даде свој придонес и нашата желба е тој однос да го продлабочуваме и да го зголемуваме. Во последно време гледаме и тоа дека голем број од авторите доаѓаат во Скопје, доаѓаат во Македонија, што исто така е една прекрасна можност да се соочат поетиките, да се разговара на различни теми, тие да ја запознаат Македонија, а ние да слушнеме нешто повеќе од европската литература. Од тука почна таа идеја за овој условно кажано фестивал којшто на ова прво издание тргнува малку поскромно“,

Кујунџиски појаснува дека поради фактот што ѕвездите како симбол се асоцијација на обединета Европа, а и поради тоа што во Македонија ќе ги канат најголемите имиња на тамошната литература, треба да креираат име на манифестацијата кое ќе треба да ги обедини литературата и ѕвездите - „Букстар“.

Првото издание на манифестацијата ќе започне со промоција на романот „Обескостена“ од белгиската писателка Изабел Вери, добитничка на Европската книжевна награда во 2013 година. Оваа книжевна средба со присуство на авторката е планирано да се одржи на 10 октомври, во 20 часот, во фоајето на киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје.

Во рамките на „Книжевните ѕвезди“, 12 дена подоцна, под истиот свод, но овој пат во Галеријата на МКЦ, ќе се случи и гостувањето на бугарскиот писател Захари Карабашлиев кој во Скопје ќе допатува со својот хит-роман „18% сиво“. Обете книги се објавени со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската унија.

Од друга страна, во рамките на фестивалот на европската литература во текот на октомври во Книжевниот центар „Антолог“ ќе се одржи и големиот Саем на европската литература, при што сите книги од европски автори ќе се продаваат со специјален попуст од 20 до 50 отсто.

Ова подразбира дека голем дел од книгите од едицијата „Бранови“, која досега се покажа како омилена кај читателската публика, читателите ќе може да ги купат по речиси половина од редовната цена.

Инаку организаторите, сè со цел да се прикаже богатата продукција на македонската книжевност, планираат во рамките на фестивалот да вложат и значителни усилби во промоцијата на домашните творци. Во тие рамки, преку програмата „Македонска поддршка“, ќе биде претставена и дебитантската поетска збирка „Зборовите немаат значење“ на Биљана Стојановска.

„Сакаме од година во година бројот на застапени македонски писатели во програмата „Македонска поддршка“ да биде што поголем и поголем. Тие ќе имаат можност да ги запознаат европските писатели, од кои мнозина ќе дојдат со своите агенти, така што директно ќе можат да го воспоставаат тој контакт на книжевен план. Нам идејата не ни е еднонасочна, туку секогаш ќе се залагаме за двонасочна комуникација помеѓу творците бидејќи само тоа е комуникација. Во спротивно се случува монолог“, појаснува Кујунџиски.

Конечно, за да можат читателите за време на Фестивалот во порелаксирано опкружување одблизу да ги запознаат авторите, во новоотворениот Книжевен центар „Антолог“, ќе се одржува програмата „Лично авторот!“, а кон ова само да споменеме и тоа дека на 30 октомври како придружна програма е планирано да се одржи голема фестивалска забава со уметници од различни профили, со што на најубав можен начин ќе се заокружи овој месец на дружба со книгата и со писателите.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG