Достапни линкови

Странците пресекуваат наместо “незрелите“ политичари


Договорите од Пржино и целата криза воопшто се решава со силен ангажман на меѓународната заедница, како што се решаваа и сите изминати кризи и се договараше излез од истите. Тоа дава негативна слика за Македонија, а политичарите го срамотат ликот за земјата.

„Мал до речиси никаков напредок“, со тие зборови вчера извори од СДСМ го опишуваа текот на преговорите за изборните измени чиј краен рок е денеска, но сепак јавно лидерот на партијата Зоран Заев тврдеше дека решение денеска ќе има. Гласањето на дијаспората, начинот на прочистување на избирачкиот список и одлучувањето по приговорите на одлуките на Државната изборна комисија беа најспорните точки околу кои партиите не можеа да ги доближат ставовите, но Заев рече дека денеска решението ќе било ставено на маса. На прашањето дали тоа значи дека странците ќе стават конкретен предлог, тој нагласи дека од кој и да дошло предлог решението тоа ќе било врз основа на дијалогот што се водел целиот период.

Тоа што ние цело време се трудиме да се преставиме како европска земја паѓа во вода и странските помагачи и олеснувачи кога седнуваат на маса со нашите политичари немаат впечаток дека разговараат со луѓе со јака демократска култура и кои се подготвени да стојат зад сопствениот збор.

Слична беше и ситуацијата кога работната група до раните утрински часови се обидуваше да донесе закон и да избере специјален јавен обвинител, а на крајниот рок наводно законското решение на маса го ставиле странците.

Всушност целата криза, вклучително и двата договори од Пржино беа донесени по часови силен ангажман на меѓународната заедница.

Според аналитичарот Здравко Савески тоа што македонските политичари не можат да се договорат сами не зборува добро за домашната политичка елита и ја става земјава во групата на нестабилни држави со незрела демократија во кои е невозможно без меѓународна помош нешто да се договори.

Во суштина со ова се покажува дека Македонија е еден полупротекторат во однос на тоа како дејствуваат политички елити.

„Тоа што ние цело време се трудиме да се преставиме како европска земја паѓа во вода и странските помагачи и олеснувачи кога седнуваат на маса со нашите политичари немаат впечаток дека разговараат со луѓе со јака демократска култура и кои се подготвени да стојат зад сопствениот збор. Тоа дава негативна слика за Македонија и фактички преку тие политичари го срамоти ликот за земјава во Европската унија и пошироко“, вели Савески.

И аналитичарот Алајдин Демири смета дека ваквото однесување на македонските политичари создава лош впечаток за земјава.

„Во овој даден момент фактот дека Македонија е во преговори со Европската унија и е кандидат за членство во НАТО е среќна околност која овозможува да се приклонат на таков тип наредби кои се покриени во целофан, презентирани како добронамерни со кои се помага на демократијата. Во суштина со ова се покажува дека Македонија е еден полупротекторат во однос на тоа како дејствуваат политички елити“, вели Демири.

Според него од 24 декември 2011 година кога се случи собранискиот инцидент досега ниту една одлука не била донесена без странскиот фактор. И тогаш под силно меѓународно присуство беше донесен мартовскиот договор по кој опозицијата учествуваше на избори, а беше формирана ад хок комисија чиј извештај партиските претставници го потпишаа, но ВМРО-ДПМНЕ веднаш рече дека тоа тие го сториле само заради европските интереси на Македонија, а не верувале во него и го сметале за палома-хартија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG