Достапни линкови

Вести

Столтенберг: НАТО ја поддржува Турција

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг по денешната средба со шефот на турската дипломатија Феридун Синирлиоглу изјави дека Алијансата силно ја поддржува Турција и го осуди саботното нарушување на турскиот воздушен простор од страна на руски воен авион. Столтенберг ја повика Русија да го почитува воздушниот простор на НАТО и да избегнува тензии со Северноатлантската алијанса. Претходно, Турција испрати протестна нота до руското Министерство за надворешни работи и ја предпреди Москва дека „ќе ка смета за одговорна за секој непосакуван инцидент, кој може да се случи“ при нови нарушувања на воздушниот простор. Турски воени авиони во саботата пресретнаа руски авион, кој учествувал во воена операвија во Сирија, и го принудија да го напушти турскиот воздушен простор.

види ги сите денешни вести

Во Брисел нова средба за употребата на српскиот динар во Косово

илустрација
илустрација

Главните преговарачи на Косово и Србија во дијалогот за нормализација на односите, денеска (25 април) ќе одржат нови средби во Брисел за да продолжат со напорите за изнаоѓање решение за трансфер на финансиски средства во динари од Србија на Косово.

Ова ќе биде петта средба на главните преговарачи на двете земји за прашањето на српскиот динар, чија употреба на Косово беше забранета во февруари.

За оваа тема ќе се сретнат Бесник Бислими од Косово и Петар Петковиќ од Србија со специјалниот пратеник на Европската Унија, Мирослав Лајчак. Можни се и заеднички средби меѓу нив, доколку постои волја на страните за такво нешто.

Со новата регулатива на Централната банка на Косово (ЦБК), еврото од 1 февруари е назначено како единствена валута во Косово за готовински плаќања. Стапувањето на сила на оваа уредба ја налути Србија, која преку државниот буџет им испраќа финансиска помош на Србите кои живеат на Косово.

Меѓународната заедница побара од Косово да ја суспендира оваа регулатива, за да им даде време на граѓаните да се прилагодат на новата практика.

Косовските Срби во потрага по готовина поради забраната на динарот
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:27 0:00

Сепак, Владата на Косово инсистираше дека тоа е независна одлука на ЦБК, а не политичка одлука.

На претходните состаноци во Брисел за ова прашање беа изнесени повеќе предлози за изнаоѓање решение според кое Србија би можела да ги исплати корисниците на финансиската помош во Косово.

Лајчак во вторникот, два дена пред денешната средба, изјави дека работи на изнаоѓање решение за ова прашање.

ОН: Речиси 282 милиони луѓе ширум светот се соочиле со акутен глад

Појас Газа, 2024 година
Појас Газа, 2024 година

Речиси 282 милиони луѓе во 59 земји се соочија со акутен глад во 2023 година, а појасот Газа беше територијата на која минатата година најмногу луѓе страдаа од глад, се наведува во извештај на Обединетите Нации.

Во извештајот се вели дека во 2023 година бројот на луѓе кои се соочиле со акутен глад се зголемил за 24 милиони во споредба со 2022 година поради наглото влошување во сигурноста на снабдувањето со храна, особено во Појасот Газа и Судан. Исто така, се нагласува дека ОН го зголемиле бројот на земји во кои го следат снабдувањето со храна во однос на 2022 година.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во воведот на извештајот изјави дека тој претставува „прозивка за неуспесите на човештвото“ и оти „во свет на изобилие, деца умираат од глад“ и повика на итен одговор на меѓународната заедница на наодите од извештајот, кој би вклучувал трансформација на глобалниот систем за снабдување со храна и зголемување на помошта за најзагрозените области.

„Конфликтите што избувнаа во последните 12 месеци доведоа до катастрофална глобална ситуација“, нагласи Гутереш.

Главниот економист на Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО), Максимо Тореро, рече дека 705 000 луѓе во пет земји се во петта фаза, највисоко ниво на скалата на глад утврдена од меѓународни експерти, што е највисока бројка откако се изготвува глобалниот извештај од 2016 година, а минатата година се зголеми за четири пати во споредба со таа почетна година.

Повеќе од 80 отсто од луѓето кои се соочуваат со глад, 577 000 од нив, се во Појасот Газа, рече Тореро. Според него, илјадници луѓе се соочуваат со катастрофален глад во Јужен Судан, Буркина Фасо, Сомалија и Мали.

Според проценките на ОН, околу 1,1 милион луѓе во Појасот Газа и 79 000 во Јужен Судан ќе се соочат со екстремен глад до јули. Исто така, се истакнува дека конфликтот на Хаити ќе продолжи да влијае на несигурноста на храната во таа земја, каде вооружени банди контролираат голем дел од главниот град Порт-о-Пренс.

Сикорски: Рускиот напад врз НАТО би завршил со пораз на Москва

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски во денешното обраќање пред Парламентот рече дека евентуалниот руски напад врз НАТО ќе заврши со пораз на Русија и дека Алијансата мора да ги зголеми инвестициите во својата одбрана.

Сикорски ги изложи приоритетите на Владата на премиерот Доналд Туск, која се обидува да покаже лидерство во Европа поради зголемените стравувања дека руската агресија нема да престане во Украина.

Сикорски изјави дека развојот и безбедноста на Полска треба да се заснова на трансатлантска соработка и европска интеграција, а го истакна и значењето на пријателството со Германија.

Тој ја обвини претходната влада на партијата Право и правда, која ја предводеше Полска од 2015 до 2023 година, дека избрала конфронтација со ЕУ.

Папата Франциск за војните во Украина и Газа: Договорен мир е подобар од бескрајна војна

Папата Франциск
Папата Франциск

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск ги повика завојуваните страни во Украина и Газа да преговараат за мир бидејќи „договорениот мир е подобар од бескрајна војна“.

„Ги молам, земјите во војна, сите нив, прекинете ја војната. Барајте преговори, барајте мир“, рече папата во интервју за Си-Би-Ес Њуз.

Папата кажа дека секојдневно е во контакт со свештениците од Газа за да ги праша за нивните искуства и дека може да помогне да се постигне мир само преку молитва.

Зборувајќи за влијанието на војната во Украина врз децата, папата додаде дека „тие деца заборавиле како да се насмевнат“.

„Многу е тешко кога детето ќе заборави да се смее. Тоа е многу сериозно“, додаде првиот човек на римокатоличката црква.

Украина останува цврста да не се ангажира директно со Русија на мировните разговори.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски неколку пати рече дека иницијативата во мировните преговори мора да и припадне на земјата која е нападната.

Русија започна целосна инвазија врз Украина во февруари 2022 година.

Русија објави договор за размена на деца со Украина

Руската комесарка за правата на децата Марија Лвова-Белова
Руската комесарка за правата на децата Марија Лвова-Белова

На 24 април, руската комесарка за правата на децата Марија Лвова-Белова објави договор со Украина за размена на речиси 50 деца раселени поради инвазијата на Москва, но украински функционер одби да го потврди договорот.

Марија Лвова-Белова најави дека 29 деца треба да заминат во Украина, а 19 во Русија. Таа рече дека договорот е постигнат во „разговорите со украинската страна“ во Доха.

Меѓутоа, додека руските и украинските официјални лица се сретнаа со катарските посредници, украинскиот комесар за човекови права Дмитро Лубинец за АФП изјави дека „не може да ја потврди информацијата“.

Украинскиот функционер додаде дека двете земји „немаат директна комуникација за овој случај“.

Според официјалните податоци на украинските власти, до крајот на минатата година од Украина во Русија биле однесени најмалку 19 546 деца. Бројката се однесува само на оние случаи кои се официјално евидентирани, а се верува дека вистинската бројка е значително поголема.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, вратени се само 517 деца.

Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, минатиот март издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и Марија Лвова-Белова, комесарка на Москва за правата на децата, под обвинение за воени злосторства поврзани со илегалната депортација на украинските деца, заедно со илегалното префрлање луѓе во Русија од Украина од нејзината инвазија во февруари 2022 година.

МКС објави дека Путин и Лвова-Белова се обвинети дека „вршиле дела директно, заедно со други и/или преку други“.

МКС објави дека Путин „не спроведувал соодветна контрола над цивилните и воените подредени кои извршиле дејствија или дозволиле нивно извршување и кои биле под негова ефективна власт и контрола, во согласност со одговорноста на претпоставениот“.

Кремљ ги отфрли обвинувањата за присилна депортација. Руските власти тврдат дека ги „спасиле децата“ од воените дејствија и се подготвени да ги вратат оние што ги бараат нивните родители и старатели.

САД потврдуваат дека испратиле проектили со дострел од 300 километри во Украина

илустрација
илустрација

Американскиот Стејт департмент потврди дека Соединетите Држави (САД) испратиле ракетни системи со долг дострел познати како ATACMS во Украина за употреба на нејзина територија, а оружјето пристигнало во земјата овој месец.

Портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател, изјави дека ATACMS, кратенка од Армиски тактички ракетен систем, биле испратени по наредба на претседателот Џо Бајден.

Потврдата на Пател дојде откако американските медиуми објавија дека тие биле користени минатата недела за бомбардирање на руски воен аеродром на полуостровот Крим, кој Русија нелегално го анектираше во 2014 година, и руските сили во друга окупирана област во текот на ноќта.

ATACMS има поголем дострел, до 300 километри од верзијата на оружјето од 165 километри што го обезбедија САД во октомври. Тие беа дел од пакетот помош за Украина во март, а не оној штотуку одобрен од Конгресот и потпишан од Бајден претходно на 24 април.

„Ова не го објавивме на почетокот за да ја одржиме оперативната безбедност на Украина на нивно барање“, рече Пател.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, изјави дека „значителен број“ проектили биле испратени во Украина, додавајќи: „Ќе испратиме уште“.

Тој рече дека Украина се обврзала да го користи оружјето само внатре во Украина, а не во Русија.

Оружјето се испраќа во критично време додека Русија продолжува да напредува на бојното поле во источниот регион Доњецк.

„Русија би можела да постигне повеќе резултати против украинските сили во следните недели“, рече Саливан.

Пател рече дека Бајден му наредил на неговиот тим за национална безбедност да ги испрати ATACMS, велејќи дека тие се користат на територијата на украинската суверена територија.

Администрацијата на Бајден одби да ги испрати порано поради загриженост дека ќе ризикува дополнително ескалација на конфликтот. Според новинските извештаи кои цитираат неидентификувани официјални лица, употребата на Русија на балистички ракети со долг дострел испорачани од Северна Кореја против Украина во декември и јануари доведе до промена на мислењето. Континуираното руско таргетирање на критичната инфраструктура на Украина исто така беше фактор, рече официјалниот претставник.

Предлог-законот за воена помош потпишан од Бајден му го отвора патот на Пентагон да објави пакет помош што вклучува очајно потребна артилерија и противвоздушна муниција.

Генералот на воздухопловните сили Чарлс Браун, претседател на Здружениот Генералштаб, на конференцијата во Вашингтон на 24 април рече дека Пентагон се подготвува да испрати оружје во Украина додека предлог-законот напредува во Конгресот.

Побарувачката на Украина за одредено оружје, како што се артилериските гранати од 155 милиметри што се користат во хаубици, го надмина американското производство, што предизвика пад на американските залихи.

„Откако ќе биде одобрен пакетот помош, САД ќе можат да го зголемат производството на гранати од 30.000 месечно на 100.000 до следното лето“, изјави генералот Џејмс Мингус, заменик началникот на Генералштабот на армијата, на конференција во Центарот за стратешки и меѓународни Студии (CSIS).

Украина употреби повеќе од 2 милиони гранати за време на 26-месечната војна, рече тој, што е стапка од повеќе од 75.000 месечно.

Сиљановска-Давкова со убедлива победа во првиот круг

Гордана Сиљановска-Давкова
Гордана Сиљановска-Давкова

Гордана Сиљановска-Давкова, кандидатка за претседател на Северна Македонија поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски, претседателскиот кандидат на СДСМ, ќе се соочат во вториот круг од претседателските избори што ќе се одржат на 8 мај, покажуваат последните податоци на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК).

Според резултатите, од преброени гласови од 3474 избирачки места (99, 85 отсто од избирачките места), Сиљановска-Давкова освоила 362.682 гласови или 40,08%отсто. Пендаровски освоил 180.306 гласови односно 19, 93 отсто од гласовите.

Трет по освоени гласови од седуммината претседателски кандидати е Бујар Османи од ДУИ со освоени 120.903 или 13,36%.

Следуваат Арбен Таравари освоил 83.356 или 9,21 отсто гласови, Максим Димитриевски од ЗНАМ со 83.787, односно 9,26% гласови, Билјана Ванковска, кандидатката поддржана од „Левица“ со 41.172 или 4,55% и Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 8.103 или 0,90 отсто од гласовите.

Сиљановска-Давкова во вториот круг влегува со предност од повеќе од 180.000 гласови пред Пендаровски. Двајцата беа директни ривали и на претседателските избори пред пет години, во 2019 година.

Според македонскиот изборен систем, претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање за мандат од 5 години, со право на најмногу два мандати.

За некој да победи во првиот круг потребно е да освои 50% + 1 глас од вкупниот број регистрирани гласачи во Избирачкиот список. Во вториот, пак, победува кандидатот кој освоил мнозинство од вкупниот број гласови, при што е потребно да има излезност од најмалку 40 отсто.

Овие претседателски избори се седми по ред на кои граѓани непосредно го бираат шефот на државата.

Пасоши на воено способните Украинци ќе се издаваат само во земјата

илустрација
илустрација

Украинската влада донесе одлука со која дополнително ја заострува мобилизацијата, па во иднина пасоши на воено способни мажи ќе може да се издаваат само во земјата.

Новата регулатива е објавена откако шефот на дипломатијата, Дмитро Кулеба, до 18 мај ги суспендираше конзуларните услуги за лицата кои ги исполнуваат условите и притоа ги критикуваше оние Украинци кои се наоѓаат во странство за тоа дека не служат во војната против Русија.

Последната владина одлука предвидува пасоши да може да им се издаваат на мажи на возраст од 18 до 60 години и тоа само во Украина.

Во странство во моментов живеат стотици илјади воено способни Украинци, во моменти кога земјата се соочува со недостиг на војници во војната против подобро опремената и поголема руска армија.

Шефот на дипломатијата, Кулеба, во своите коментари за суспензијата на конзуларните услуги, пред два дена кажа дека е непримерно регрутите да живеат во странство,а сè уште да сакаат да ги користат услугите од државата.

„Престојот во странство не го ослободува граѓанинот од неговите обврски кон татковината“, напиша тој на X.

Судот утврди дека нема докази дека Болсонаро побарал азил во унгарската амбасада

Поранешниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро
Поранешниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро

Судијата на Врховниот суд на Бразил, Александар де Мораеш, ја затвори истрагата за обвинението дека поранешниот претседател на Бразил, ултрадесничарот Жаир Болсонаро, во февруари побарал азил во унгарската амбасада поради недостиг на докази.

„Нема конкретни елементи кои укажуваат дека лицето кое било предмет на истрага имало намера да добие дипломатски азил со цел да побегне од земјата и следствено, да ја загрози тековната кривична истрага, се вели во писмената одлука на Мораес“, пренесуваат британските медиуми.

Сепак, престојот во унгарската амбасада покрена сомнеж дека Болсонаро сака да добие дипломатски азил за да избегне истрага за заговорот за државен удар во Бразил.

Болсонаро рече дека останал во унгарската амбасада со цел да ги одржи блиските дипломатски односи што ги има со Унгарија, на чие чело е десничарскиот претседател Виктор Орбан, политички сојузник на Болсонаро.

Американскиот дневен весник Њујорк Тајмс, врз основа на видео надзор откри дека Болсонаро поминал две ноќи во унгарската амбасада во главниот град Бразилија помеѓу 12 и 14 февруари, веднаш откако му бил одземен пасошот како дел од истрагата за наводен заговор да се организира воен удар.

Силјановска Давкова и Пендаровски ќе се соочат во вториот круг претседателски избори

Стево Пендаровски, претседателски кандидат на СДСМ и Гордана Силјановска Давкова, претседателска кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ (претседателски избори во Северна Македонија, 24.4.2024 година)
Стево Пендаровски, претседателски кандидат на СДСМ и Гордана Силјановска Давкова, претседателска кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ (претседателски избори во Северна Македонија, 24.4.2024 година)

Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседател на Северна Македонија поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски, претседателскиот кандидат на СДСМ, ќе се соочат во вториот круг од претседателските избори што ќе се одржат на 8 мај, истовремено со единаесеттите парламентарни избори во Северна Македонија, покажуваат првичните неофицијални резултати што на прес-конференција вечерва ги објави Државната изборна комисија (ДИК).

Според резултатите, од преброени гласови од 3.156 избирачки места (89, 98 отсто од избирачките места), Силјановска Давкова освоила 324. 177 гласови или 39,99 отсто. Пендаровски освоил 161. 393 гласови односно 19, 90 отсто од гласовите.

Силјановска Давкова во вториот круг влегува со предност од повеќе од 150.000 гласови пред Пендаровски. Двајцата беа директни ривали и на претседателските избори пред пет години, во 2019 година.

Трет по освоени гласови од седуммината претседателски кандидати е Бујар Османи од ДУИ со освоени 110. 903 гласови.

Следуваат Арбен Таравари со 78. 110 гласови, Максим Димитриевски од ЗНАМ со 70.996 гласови, Билјана Ванковска, кандидатката поддржана од „Левица“ со 35.949 гласови и Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 7.499 гласови, според досегашните резултати.

Александар Даштевски, претседател на ДИК, рече дека 49,75 отсто е излезноста на гласачите според податоците од 3.156 избирачки места. На гласање излегле 810. 971 гласачи. Важечки гласачки ливчиња се 789. 031, а неважечки се 21.946 гласачки ливчиња.

Даштевски оцени дека изборниот ден минал мирно, а граѓаните достоинствено гласале.

„Деведесет и девет отсто работите минаа како што треба“, рече претседателот на ДИК.

Во првиот круг од претседателските избори право на глас на имаа 1.814.317 граѓани. Се гласаше на 3.508 избирачки места, а оценките кои пристигнаа и од институциите и од партиските штабови беа дека изборниот ден поминал во фер и демократска атмосфера.

Според македонскиот изборен систем, претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање за мандат од 5 години, со право на најмногу два мандати.

За некој да победи во првиот круг потребно е да освои 50% + 1 глас од вкупниот број регистрирани гласачи во Избирачкиот список. Во вториот, пак, победува кандидатот кој освоил мнозинство од вкупниот број гласови, при што е потребно да има излезност од најмалку 40 отсто.

Овие претседателски избори се седми по ред на кои граѓани непосредно го бираат шефот на државата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG