Достапни линкови

logo-print

Неделен печат - НАТО, специјален обвинител и медиуми


Република анализира дека грчката блокада за македонските евроинтеграции е по руски вкус, Фокус го анализира составот на специјалното обвинителство, а Глобус се осврнува на состојбата во медиумите.

Република - Путин рече ʼнеʻ за проширување на НАТО - грчко вето по руски вкус

Сè додека Москва не се откаже од правото да влијае на регионов и на Македонија во него, не можеме да се надеваме на влез во НАТО.

Прегледот на пишувањето на неделниците ќе го почнеме со анализата во Република од доменот на надворешната политика, ама пак поврзана со Македонија со наслов: „Путин рече ʼнеʻ за проширување на НАТО - грчко вето по руски вкус“. Анализирајќи го обраќањето на Путин на Генералното собрание на ОН во Њујорк, авторот ја потврдува тезата на некои аналитичари дека, во врска со Македонија, „Грција игра за Русија“, давајќи им за право на тврдењата дека „сè додека Москва не се откаже од правото да влијае на регионов и на Македонија во него, не можеме да се надеваме на влез во НАТО“. Зад одлуката на Грција да ја блокира Македонија во членството на Алијансата и во ЕУ не стојат само националистичката реторика на грчката политичка елита, туку и интересите на Москва, наведува авторот на анализата. „Путин директно не ги спомна нашава или некоја друга балканска земја, но давајќи го примерот со Украина испрати порака дека влезот на која било земја која Русија ја смета за свој интерес или за неутрална во глобалниот судир, ќе биде попречуван со сите сили и дека Москва не се помирува и никогаш не ќе се помири со проширување на Северноатлантската алијанса. Ако се суди според искуството во Донбас, пораките на Путин не се нималку наивни“, заклучува авторот на анализата во Република.

Фокус - Двајца Зорановци, а три Катици?

Значи ли ова дека обвинителите од кај Маркота ќе го апсат Заев, а овие од кај Катето ќе удрат по Грујо. А оние рамковните не мора ни да одат на работа?!

Сите очи се вперени во специјалната обвинителка Катица Јанева, но Фокус во уводникот насловен со: „Двајца Зорановци, а три Катици?“ изразува сомнеж во ефикасноста на нејзиниот тим од 14-мина обвинители. „Специјалната обвинителка во обид да избега од бремето на сдсмовизмот, стокми еден таков пржински, ем рамковен состав на обвинители, што во тимот уште Марко Зврлевски ѝ недостасува?!“ - се исчудува авторот, оставајќи си, сепак, простор дека греши. Фокус појаснува дека новата институција е правена по системот едно мене - едно тебе - едно рамковно и дека не остава простор за премногу надеж. И поентира: „Да се земат во тимот луѓето што учествуваа во политичко-монтираната касапаана во случаите, како ʼЛиквидацијаʻ, ʼПајажинаʻ или ʼПучʻ е еднакво на заебантската логика дека на МТВ треба да има еден канал за власта, еден за опозицијата (што, за среќа, не помина)!“, наведува Фокус и го поставува суштинското прашање: „Значи ли ова дека обвинителите од кај Маркота ќе го апсат Заев, а овие од кај Катето ќе удрат по Грујо. А оние рамковните не мора ни да одат на работа?!“

Глобус - Срамни и тажни времиња за новинарството во Македонија

„Дојдени се грди и неубави, срамни и тажни времиња за новинарството во Македонија. Кога политичките партии, без оглед дали се во опозиција или на власт, ʼпреговараатʻ за медиуми, за основните норми во новинарството, сигурно е само едно: во државата нема ниту политика, ниту новинарство“ - пишува авторот на колумната Таленти во најновиот Глобус. Осврнувајќи се на меѓупартиските преговори за медиумите, авторот додава дека е ненормално во втората деценија од 21 век да се води „политичка“ дебата за основните правила и норми во новинарството. Фактот што новинарите дозволуваат „политиката да преговара“ за професионални норми покажува дека новинарството кај нас е целосно урнисано.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG