Достапни линкови

logo-print

Суомалајнен - Ако почнете сега, има време за избирачкиот список


Со добро реорганизирање и ревизија на избирачкиот список каков што е сега и со помош на експерти можно е да се подобри списокот, да се отстранат грешките, да нема дупликати итн. Ако подготовките започнат сега, многу е можно да се заврши на време пред изборите, вели амбасадорката на ОБСЕ во Македонија Нина Суомалајнен во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Амбасадорке, доаѓате во Македонија во критичен период на политичка криза и закажани избори чија регуларност ќе биде клучна за иднината на земјата. Се сретнавте веќе со дел домашни политичари. Каква беше вашата порака до нив?

Мисијата на ОБСЕ во Скопје е во земјава од раните деведесетти и секако нашиот мандат е малку изменет со тек на времето, но главните делови од нашиот мандат се да помогнеме во меѓуетничкиот дијалог, да создаваме конструктивни меѓуетнички релации и дијалог, да помогнеме во спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, но исто така да бидеме организација за рано предупредување и градење доверба, превенција на конфликти, доколку постојат тензии. Тоа се главните делови од мандатот и секако тоа го дискутирав со сите претставници на власта и опозицијата и други соговорници со кои се сретнав. Многу сакаме да помогнеме земјата да напредува во овие области.

Работние групи веќе работат на прашањата поврзани со избори и најавите се дека ќе има договор до шести октомври. Вклучени ли сте како Организација во разговорите?

Да, ние бевме вклучени во работната група, понудивме техничка поддршка и исто така експертски совети кога беа дискутирани различни прашања поврзани со изборите. Ќе продолжиме и во иднина да даваме такви совети. Исто така и ОБСЕ/ОДИХР ќе има набљудувачка мисија на изборите и ние им помагаме и ним, бидејќи тие се исто така дел од ОБСЕ, и им помагаме во планирањето на набљудувачката мисија за изборите.

Во договорот од втори јуни што го потпишаа лидерите на четирите најголеми партии, се предвидува меѓудругото владата пред изборите да побара засилен долгорочен и краткорочен мониторинг од ОБСЕ/ОДИХР. Што ќе значи ова начинот на кој вашата организација ќе набљудува изборите?

ОДИХР или Канцеларијата за демократски институции и човекови права, чие седиште е во Варшава, е главната меѓународна институција која ги набљудува изборите секаде низ светот, особено во регионот на ОБСЕ. Тие веќе беа тука за некои подготвителни посети, ќе имаат Мисија за одредување на потребите, која се надеваме дека ќе започне во ноември и врз основа на тоа тие ќе одлучат колкава ќе биде Набљудувачката мисија. Обично е минимум два месеца пред изборите, но во овој случај најверојатно ќе биде подолго. Ние им помагаме за добивање информации за активностите што се случуваат сега, со изборната регулатива, со организацијата на изборите, подготовките, кампањата, кампањата официјално не е започната, но знаете секаде во светот, во периодот пред изборите активностите може е да се гледаат како кампања, и исто така активностите на политичките партии и медиумската ситуација. Тоа што сега го правиме ќе им помогне и нив во работата.

Модифицирање на составот на Државната изборна комисија и зголемени овластувања се дел од темите што ги дискутира работната група. Какви се искуствата од другите земји со слични проблеми, што според вас е добро решение?

Знаете во меѓународните изборни стандарди има повеќе добри практики, па не постои еден единствен механизам за тоа како да се организираат или спроведуваат изборите. Исто така, постојат различни модели и за изборното законодавство. Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР дава совети за најдобрите практики и политичките партии треба да се договорат кои практики ќе бидат користени во земјава. Секако, тука е изборното законодавство и процесот на регистрација на гласачите, но една важна работа е без разлика што се менува, промената не треба да се случи непосредно пред избори. Обично треба да има една година, но секако во некои држави е можно тоа да се оствари и за 6 или 8 – 9 месеци пред изборите. Во нормални услови важно е кога изборите наближуваат да се знае кои се законите, кои се процедурите за спроведување на избори итн . Исто така, важен принцип е независноста и неутралноста на институциите кои ги спроведуваат изборите, без разлика дали се работи за национални или локални.

Амбасадорке, на секои избори проблем е избирачкиот список и сега се разговара за конкретниот начин на прочистување, активна регистрација или теренска проверка. Возможно ли е за краток период колку што останува до изборите тој реално да се прочисти?

Мислам дека секако постои можност за подобрување на избирачкиот список, да се направи целосно нов, знаете има такви кои велат дека времето е кратко, но и такви кои велат дека доколку се направи ефикасно има време. Јас нема да заземам став во однос на ова прашање, но исто така со добро реорганизирање и ревизија на избирачкиот список каков што е сега и со помош на експерти можно е да се подобри списокот, да се отстранат грешките, да нема дупликати итн. Ако подготовките започнат сега, многу е можно да се заврши на време пред изборите.

Разговорите во работната група поврзани со медиумите се најмногу фокусирани на јавниот сервис. Дали тој всушност е клучен за подобрување на ситуацијата во медиумите пред изборите?

Улогата на јавниот сервис или компанија како и да се вика во различни земји, мислам дека е многу важна. Во многу европски земји има јавни сервиси и нивната улога е да обезбедат неутрални, независни информации за граѓаните. Некогаш информациите може да бидат вести, некогаш културна програма или програма на јазиците. Многу е важен, бидејќи тогаш може да се гарантира информативен материјал и содржини без комерцијално финансирање и се надевам без политички влијанија. Тоа е многу важно и јавните сервиси имаат многу важна улога и исто така мислам во оваа земја има голема важност.

Бегалците и мигрантуте се едно од најголемите прашања за Европа периодов. Какво е вашето мислење како Македонија се справува со ова прашање?

Да бегалската и мигрантската криза навистина е европска криза или всушност светска криза. Мислам дека ги изненади сите, па владата и властите прилично успеаја да го подобрат системот. Лично ја посетив Гевгелија, приемниот центар за бегалци и сега има систем кој е организиран, добро направен, заедно со УНХЦР и властите секако. Мислам дека во моментов има многу добар напредок. Секако, повеќето бегалци и мигранти не остануваат во земјата во моментов, тие продолжуваат понатаму. Една работа што може да биде направена е да се направи план за вонредни ситуации, во случај некои граници да бидат затворени и некои луѓе да не бидат во можност да се движат понатаму, бидејќи кога зимата ќе дојде на нив може да им треба прифатилиште за подолг период и дополнителна поддршка, а некои може да побараат и азил. Но, во моментов, мислам дека има добар напредок, зошто, знаете ова е таков вид на криза која бара постојано да се биде буден и постојано да се согледуваат потребите и тие да се обезбедуваат.

Во однос на безбедноста посоти загриженост кај одреден дел луѓе дека практично меѓу бегалците може да влезат и други милитанти коишто може да ја загрозат безбедноста. Какво е вашето мислење во врска со тоа?

Мислам дека една работа што може да се направи во иднина, се надевам во блиска иднина е да се направи систем на регистрација низ Европа. Кога луѓето ќе поминат една граница и се регистрирани на неа, тој систем на регистрација е поврзан со другите системи. Бидејќи во друг случај луѓето се регистрираат и повторно се регистрираат, но ние навистина не знаеме кој доаѓа, кои луѓе доаѓаат и каде одат. Навистина ќе биде корисно ако Европската унија, знам дека работат на тоа, но исто така и партнерските земји, оние кои се интегрираат во ЕУ, како земјава, би било добро да се поврзат со тој систем. Знаете, кога јас го земав пасошот во мојата земја, тоа е биометриски пасош и требаше да го оставам отпечатокот од прстот. Мислам дека тоа е системот кон кој се движиме.

Какви се вашите оцени за меѓуетничката ситуација во земјава има ли опасност од влошување?

Она што го видовме во последните години е дека има помалку меѓуетнички инциденти и помалку тензии што е многу добро, што мислам дека навистина е патот за иднината. Секако, тука е и многу трагичниот инцидент што се случи во Куманово каде што многу полицајци ги загубија животите, исто така и луѓе од вооружената група. Тоа беше жално и трагично, но ние мислиме дека тоа не беше реален индикатор за меѓуетничката ситуација во земјата, бидејќи многу други аспекти беа вклучени. Но, ние навистина сакаме да продолжиме да работиме со различните заедници, бидејќи има седум главни заедници во земјата и државата треба да обезбеди можности за сите овие заедници да бидат вклучени и еднакво застапени. Во моментов мислам дека оваа земја оди во добра насока и се надеваме дека ќе продолжи во иднина. Ние сме тука да ја поддржиме.

Деновиве најавивте дека сте една од организациите вклучени во анализата на Охридскито рамковен договор. Која е целта на оваа анализа?

Знаете дека во последните години се спроведува Охридскиот рамковен договор. Негова цел е е да се осигурат правата и застапеноста, како и културните права за етничките заедници во земјата. Претходно имаше неколку ревизии на содржината на тоа како договорот се спроведува, околу легислацијата и политиките ко се спроведуваат итн . Сега заедно со Европскиот мировен институт и Владата која секако го предводи процесот, ја поддржуваме оваа анализа на социјалната кохезија на договорот. Направени се работни групи со широко учество на сите заедници, кои гледаат што функционира, што може да функционира подобро и какви одлуки треба да се донесат од страна на Владата и какви закони и политики во иднина, со цел да можеме да го осигуриме спроведувањето на напишаното, но и на духот на договорот. Ние го поддржуваме овој процес, во моментов работат работните групи и во текот на есента ревизијата ќе продолжи и кон крајот на годината се надевам дека ќе ги имаме главните наоди, за тоа кои се следните чекори кои Владата и парламентот може да ги преземат за да го придвижат процесот нанапред.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG