Достапни линкови

Дневен печат - Специјално обвинителство и случај Телеком


Тимот предложен од специјалната обвинителка Катица Јанева е главна тема во дневниот печат. Весниците пишуваат и за аферата Телеком.

Фокусирани на политиката, уредувачките тимови на печатените медиуми во земјава како да не ги засегна песимистичкиот податок во најновиот извештај на Светска банка. Само Утрински и Слободен печат објавија дека „За европскиот стандард ни треба раст од 4,5 отсто, или уште 30 години“. Слободен печат го објавува и податокот на првата светска банкарска институција дека до 2010 година од Македонија се иселиле 447 илјади луѓе.

Македонските функционери во Њујорк сведоци, во Скопје осомничени?
Дневник.

Весниците, како и електронските медиуми, регистрираа дека специјалната обвинителка Катица Јанева го објави списокот со 14-мина обвинители - помошници кои ќе го сочинуваат тимот на специјалното јавно обвинителство. Слободен печат забележува дека меѓу предложените е и обвинителката што го притвори новинарот Кежаровски.

Следејќи го случајот Телеком, Дневник објавува наслов со прашалник: „Македонските функционери во Њујорк сведоци, во Скопје осомничени?“, па ги наведува имињата на Бучковски, Црвенковски, Шеќеринска, Али Ахмети и Муса Џафери дека наводно се на списокот на обвинителството кое дури неодамна покрена истрага „по слушнат глас“ за наводната корупција при продажбата на фирмата-ќерка на Маѓар телеком, македонскиот Телеком. Во Њујоршкиот суд за овој случај се води истрага веќе 10 години.

Рударите не ги добија платите, состојбaтa во ʼЗлетовоʻ и во ʼТораницаʻ се влошува.
Утрински весник.

„Рударите не ги добија платите, состојбaтa во ʼЗлетовоʻ и во ʼТораницаʻ се влошува“, информира Утрински, појаснувајќи дека рударите спонтано ја прекинале работата поради напластените проблеми во рудниците што ги поседува индиската компанија ʼИндоминерали и металиʻ: неисплатена плата за август, исклучена струја и секната вода поради неплатени сметки.

Главна тема во Дневник е престојот на премиерот Груевски во Њујорк на редовното есенско заседание на Генералното собрание на ОН. „Груевски на прием кај Обама“ објавува на првата страница и Вечер. Слободен печат прашува во насловот: „За кого лобира Груевски во САД - за Македонија или за сопствената глава?“

Од кратката средба со грчкиот колега Ципрас, Вечер дознава дека Груевски го поканил Ципрас на заедничка средба да изнајдат решение за прашањето за името. Утрински објави дека Ципрас за името разговарал и со генсекот Бан Ки-мун.

Изгледа Вашингтон ја остави Сирија на Москва. Имено, сите весници објавија дека Москва почнала со воени операции против опремата, комуникациите, складиштата со оружје и муниција на Исламска држава во Сирија.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG