Достапни линкови

Неделниците со осврт на специјалната обвинителка


Република и Глобус во најновите изданија прават осврти на професионалниот профил на специјалната обвинителка Катица Јанева, а Фокус се занимава со застапеноста на премиерот во медиумите.

И Република и Глобус во најновите изданија прават осврти на професионалниот профил на специјалната обвинителка Катица Јанева и за условите во државава во кои ќе работи таа за да ја „промени Македонија“.

Но таа го има единствениот најсилен алат во обид да се создаде ситуација Македонија да продолжи на патот кон ЕУ и НАТО.

Република - Катица Јанева не е прва лига

„Македонија доби најмал заеднички содржател“ забележува Република додавајќи дека таа ќе биде „Обвинителка со специјални проблеми“. Па наведува: „Катица Јанева не е прва лига. Таа не е играч од македонската судско-адвокатско-експертска елита. Јанева нема искуство со медиуми, ниту со односи со јавноста. Нема свој советник за имиџ, ниту новинари-пријатели или агенција што ѝ ги пишува говорите. Но таа го има единствениот најсилен алат во обид да се создаде ситуација Македонија да продолжи на патот кон ЕУ и НАТО“, вели авторот, па додава дека „таа има шанса да ја промени Македонија и да ги расчисти маглите предизвикани од илегалните прислушувања и од употребата на вербални деликти во политички цели“.

Откако беше објавен нејзиниот избор потенцијално осомничените и професорите се ставија во лов на специјалната обвинителка.

Глобус - во лов на специјалната обвинителка

Глобус, пак, покрај другото, забележува дека откако бил објавен нејзиниот избор „потенцијално осомничените и професорите се ставиле во лов на специјалната обвинителка“.

„Имаше гласови дека специјалната обвинителка е блиска до Зврлевски, ама и дека е „човек на Црвенковски““, пишува Глобус, за да продолжи дека се зборувало и дека нема искуство за големи предмети од кривичната област, а се заборава дека тие беа делени на „Сваровски-судијките“. Никој не прашува што е тоа Академија Фалконе или каков бил нејзиниот престој во САД, појаснувајќи дека Академијата е позната по обука на експерти за борба против мафијата, а дека преку Океанот посетувала обука за закони за кривична постапка.

Фокус - Груевски како Ким Кардашијан

Фокус во уводникот пишува дека притисокот на политичките квазиновинари никогаш не бил посилен, а премиерот никогаш толку рашетан. Пушташ, вели, Сител, Груевски игра фудбал, пушташ Канал 5 Груевски свечено отвора чешмичка. Пушти Алфа, ете го пак премиерот како експресно решава фекална канализација во Сиричино. Пушти МТВ, „донел“ нови инвестиции. Застапеноста на Груевски на телевизиите на македонско ниво може да се мери со онаа на Ким Кардашијан на светско ниво, иако старлетата нема политички амбиции, пишува авторот во уводната колумна „Старлета“ во Фокус, за да наведе дека медиумската камбанарија е еден од најсилните лостови на моќта на развластениот лик на премиерот и на луѓето околу него. Преродбата попушти во преговорите, демонтажата функционира, но најкомплицираниот дел од овој систем се медиумите во кои со години се истураа пари, вели авторот. Само со промени на законската регулатива и во Агенцијата за медиуми може да се начне братската дружба на Ѕинго и Стојменов со Груевски и да се направи каква-таква нормална рамка за функционирање на медиумите во периодот пред нас, наведува неделникот. Јасно е дека тука ќе биде концентриран и европскиот тег. Оти македонското риалити шоу продолжува, а за да испадне главната старлета, ќе треба да гласа народот!, завршува Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG