Достапни линкови

Мигрантите би можеле да „заглават“ на Балканот


Мерките како затворањето на границите нема да го спречи приливот на мигранти, бидејќи тие ќе го најдат патот до нивната крајна дестинација, вели амбасадорката на Србија во земјава, Душанка Дивјак Томиќ. Тоа го тврдат и од невладините организации кои работат на терен со мигрантите.

Мигрантската криза е најголемата во Европа по Втората светска војна во која и Македонија и Србија се многу погодени, бидејќи се најдоа во една специфична ситуација, од која и географски е засегната и ЕУ поради големиот прилив на мигранти, вели во неделното интервју за Радио Слободна Европа, амбасадорката на Србија во земјава, Душанка Дивјак Томиќ. Според неа ситуацијата во последните месеци е интензивирана и проблемот бара сериозен пристап и сеопфатно решение.

Со ваква криза со која ние се соочуваме и Србија и Македонија бара голем заеднички напор на сите европски држави и не само од нив, туку оваа криза повеќе не е само регионална, ниту балканска или европска, туку е од глобален карактер.
Душанка Дивјак Томиќ, амбасадорка на Србија во Македонија.

„Србија ги направи сите напори на мигрантите и бегалците да им ја пружи сета помош за време на нивниот транзит на територијата на Србија. Во таа смисла многу сме горди што им овозможивме крајно хуман и достоинствен третман на бегалците и луѓето кои се наоѓаат во неволја. Сето тоа нормално не е доволно, бидејќи со ваква криза со која ние се соочуваме и Србија и Македонија бара голем заеднички напор на сите европски држави и не само од нив, туку оваа криза повеќе не е само регионална, ниту балканска или европска, туку е од глобален карактер“.

Во меѓувреме ЕУ соопшти дека ќе обезбеди дополнителна помош за земјите кои се соочуваат со мигрантската криза. Во Македонија се изградија и прифатни кампови на граничните премини од каде поминуваат мигрантите.

Тие едноставно повеќе преферираат да чекаат пред портите на ЕУ отколку да чекаат во некоја од земјите која им е само за транзит. Тие се движат да онаму каде што можат и остануваат таму каде што имаат пречки.
Мерсиха Смаиловиќ, невладина организација „Легис“.

Мерсиха Смаиловиќ од невладината „Легис“ која им помага на мигрантите, вели дека сите анализи од теренот покажуваат оти војната ќе потрае и се поголем број на луѓе се подготвуваат да ја напуштат Сирија.

„Она што е забележително во последниве денови е поголемиот број на бегалци кои мигрираат низ Македонија и сите прогнози ни се дека кризата подолго ќе потрае со оглед дека и жариштата на Блискиот Исток се зголемуваат и добиваат некоја поголема димензија“.

Според неа, затворањето на границите нема да придонесе мигрантите да останат или подолго да се задржат во Македонија.

„Тие едноставно повеќе преферираат да чекаат пред портите на ЕУ отколку да чекаат во некоја од земјите која им е само за транзит. Тие се движат да онаму каде што можат и остануваат таму каде што имаат пречки. Тие воопшто не ја сметаат Македонија како место за чекање.“

Амбасадорката Дивјак Томиќ смета дека мерките како затворањето на границите нема да го спречи приливот на мигранти, бидејќи тие ќе го најдат патот до нивната крајна дестинација. Но, според неа, може да се очекува оти мигрантите подолго ќе се задржуваат во Србија.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG