Достапни линкови

Нови творечки Креативни точки во Лешочкиот манастир


„Креативни точки“ е насловена литературно-музичката манифестација што во организација на Центарот за култура и културолошки студии од Скопје и Женскиот хор „Менада“ од Тетово, за прв пат ќе се одржи на 25 септември, со почеток во 19 часот, во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчинович-Тетоец“, во Лешочки манастир. Случувањето, кое патем е дел од програмата „Културата како стил на живеење“, има за цел да го зголеми интересот на широката публика за творештвото на младите македонски уметници со посебен акцент на книжевното творештво.

„Констатацијата дека живееме во ерата на визуелното, придонесува за сѐ поголемо потиснување на невизуелните уметнички форми какви што се одредени видови на книжевност и музика. Поаѓајќи од уверувањето дека тие се важен дел на човековата креативност, место каде што се задоволуваат, колку естетските, толку и сознајните потреби на луѓето, сметаме дека тие се незаменлив дел од духовна изградба на луѓето.

Овој настан е прекрасна можност и за тетовци, а и за пошироката публика да се запознаат со уметноста, со културата и творештвото и на други уметници ширум Македонија. Згора на тоа и убава прилика за оживување на овој културен и духовен центар кој има долга традиција на произведување на духовни вредности. Сметам дека тој ќе остане да се чествува и да живее и во времето пред нас.
Перо Сарџоски, поет.

Уверени сме дека елементите кои го сочинуваат проектот „Креативни точки“ се актуелни и ќе придонесат за меѓусебно подобро запознавање на уметниците кои творат во различни форми на уметнички израз и експресија, инволвирање на широката публика во процесот на создавање уметнички вредности, надминување на класичните пристапи во презентација на уметноста и промовирање на интермедијалниот пристап во културата“.

Ова ќе го запише професор Лорета Георгиевска-Јаковлева, претседателка на Центарот за култура и културолошки студии од Скопје, кој заедно со Женскиот хор „Менада“ од Тетово е потписник на првата литературно-музичка манифестација „Креативни точки“, што ќе се одржи в петок во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчинович-Тетоец“, во Лешочки манастир.

Во рамките на таа идеја и таа програма, годинава за прв пат ја организираме манифестацијата „Креативни точки“ која е замислена како креативна средба на уметници од различни профили. Во овој случај се одлучивме да биде тоа средба во една точка, во Лешок, да направиме средба на музиката и литературата.
Мишел Павловски, универзитетски професор.

На овој несекојдневен културен настан, чија цел е да го зголеми интересот на широката публика за творештвото на младите македонски уметници со посебен акцент на книжевното творештво со свои творби ќе настапат авторите Оливера Ќорвезировска, Иван Антовски, Јулијана Величковска, Ана Голејшка, Живко Гроздановски, Ѓоко Здравески, Милена Илиевска, Јован Илиески, Томислав Каранфиловски, Ѓорѓи Крстевски, Калина Малеска, Марта Маркоска, Иван Станојовски, Небојша Стојаноски, Биљана Стојановска, Давор Стојановски, Снежана Стојчевска и Перо Сарџоски.

„Овој настан е прекрасна можност и за тетовци, а и за пошироката публика да се запознаат со уметноста, со културата и творештвото и на други уметници ширум Македонија. Згора на тоа и убава прилика за оживување на овој културен и духовен центар кој има долга традиција на произведување на духовни вредности. Сметам дека тој ќе остане да се чествува и да живее и во времето пред нас“, истакнува Сарџоски.

Посебен акцент во програмата е ставен и на перформансот на Женскиот хор „Менада“ од Тетово со кој раководи Ивица Зориќ, а притоа како солисти ќе се појават Богдана Бушевска, Теодора Ветероска, Стефан Волчевски, Елена Карапејовска, Ана Тимосиеска, Драгана Марковиќ и Марија Јовановска.

Професор Мишел Павловски, говорејќи за идејата за одржување на „Креативни точки“, забележува дека таа е плод на програмата „Културата како стил на живеење“ на Центарот за култура и културолошки студии и дека таа има за цел културата да се презентира на поинаков, пооригинален и подостапен начин.

„Во рамките на таа идеја и таа програма, годинава за прв пат ја организираме манифестацијата „Креативни точки“ која е замислена како креативна средба на уметници од различни профили. Во овој случај се одлучивме да биде тоа средба во една точка, во Лешок, да направиме средба на музиката и литературата. Всушност манифестацијата на еден креативен и практичен начин има тенденција да ги продлабочи и преиспита релациите меѓу уметностите, да придонесе за афирмација на младите автори во Македонија, за нивно пошироко промовирање и да поттикне поголема рецепција на книжевните и уметничките дела“, вели Павловски.

Организаторите веруваат во искреноста на нивната замисла и се надеваат дека во иднина манифестацијата ќе стане традиционална, а со тоа би се зголемиле и точките за средби, не само во музиката и литературата, туку и во другите уметности како сликарството, вајарството, театарската уметност и друго.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG