Достапни линкови

Загадената вода ја разбранува политичката сцена во Струга


Илустрација.

Илустрација.

Опозицијата излезе со серија критики на сметка на градоначалникот Зиадин Села и локалната власт, откако во струшкиот водовод беше пронајдена бактеријата ешерихија коли.

Бактеријата ешерихија коли која беше пронајдена во водата од градскиот водовод во Струга предизвика реакции кај граѓаните кои бараат надлежните институции да водат поголема грижа за нив и нивното здравје. Дополнително во водата недостасувал и хлор, поради што во меѓувреме Јавното претпријатие Проаква ги набавило потребните хемикалии за прочистување на системот. Центарот за јавно здравје во Охрид уште еднаш зеде мостри од водата за да се увери дека по преземените мерки водата може да се користи за пиење.

Доколку не сте подготвени да се справите со предизвиците на функцијата градоначалник, тогаш иселете се и одете во Скопје, Тетово, но Струга оставете ја на стружани.

Актуелната ситуација беше причина и за реакции на политичките партии. Струшкиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ побара одговорност од градоначалникот Зиадин Села. Од таму прашуваат дали Села сè уште е градоначалник на Струга.

Градоначалникот на Струга Зијадин Села.

Градоначалникот на Струга Зијадин Села.

„Ние сме тука и ќе ги преземеме сите мерки, политички и институционални, кои ни стојат на располагање. Доколку не сте подготвени да се справите со предизвиците на функцијата градоначалник, тогаш иселете се и одете во Скопје, Тетово, но Струга оставете ја на стружани“, велат од ВМРО-ДПМНЕ Струга.

Наместо да се занимаваат со тековните проблеми во своето претпријатие, тие гледаат да задоволат лични и ситно-партиски интереси меѓу коалиционите партнери ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Села.

Недозволиво е во 21 век во место во кое најголемиот дел се водни површини граѓаните да не можат да користат исправна вода за пиење од јавниот водоснабдителен систем, вели Даме Ложанкоски, претседател на СДСМ Струга.

„Ова само ги потврдува нашите постојани реакции за несериозноста на работата на ова меѓуопштинско претпријатие. Наместо да се занимаваат со тековните проблеми во своето претпријатие, тие гледаат да задоволат лични и ситно-партиски интереси меѓу коалиционите партнери ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Села“, вели Ложанкоски.

Во меѓувреме беа земени анализи и констатираа дека има бактерија. Ние реагиравме, бидејки немавме хлор на лагер.

Адем Речи од Проаква вели водата во Струга во моментот е добра за пиење. Тој вели дека биле неосновани обвинувањата кои биле упатени на сметка на претпријатието. Тој се надева дека оваа ситуација нема повеќе да се повтори.

„Во моментот е добра за пиење и квалитетот е според закон. Има хлор, имаме доволно хлор и водата се хлорира. Два дена беше водата без хлор. Во меѓувреме беа земени анализи и констатираа дека има бактерија. Ние реагиравме, бидејки немавме хлор на лагер“, вели тој.

Локалните власти во Струга велат дека донеле серија мерки, помеѓу кои се бара од Јавното претпријатие Проаква да ги преземе сите потребни мерки за редовно снабдување со хлор и хлорирање на водата од водоводната мрежа. Редовно и навремено да се обезбедат средства за набавка на потребната количина на хлор. Од локалната власт во Струга велат дека доколку повторно се појават соодветни неправилности по однос на безбедноста на водата за пиење, ќе преземат и други соодветни законски мерки против сите оние кои затаиле во извршувањето и спроведувањето на задачите.

XS
SM
MD
LG