Достапни линкови

Мигрантската криза топ тема и на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“


Дел од филмовите кои се прикажуваат обработуваат теми за бегалците кои доаѓаат во Европа, но и за иселенички движења што се актуелни дури и во развиените европски држави.

Најгорливата тема во моментов, мигрантската криза, не го одмина ни филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола. Дел од филмовите кои се прикажуваат обработуваат теми за бегалците кои доаѓаат во Европа, но и за иселенички движења што се актуелни дури и во развиените европски држави. Светозар Ристовски, режисер на најновиот македонски филм „Лазар“, смета дека за бегалската криза е виновна Европа која со години своето тло го претставуваше како прекрасно место за живеење.

Од формирањето на Европската унија се создаде еден пропаганден сон сличен на американскиот од пред сто години и им се продаваше на земјите од третиот свет како европски сон. Нешто што Европа цело време го ставаше под тепих, па сега Европа има лежечки полицаец под тепих.
Светозар Ристовски, режисер.

„Од формирањето на Европската унија се создаде еден пропаганден сон сличен на американскиот од пред сто години и им се продаваше на земјите од третиот свет како европски сон. Нешто што Европа цело време го ставаше под тепих, па сега Европа има лежечки полицаец под тепих. Во европски рамки ние сме на маргините. Сме во Европа, но не сме во Унијата, сме на прагот, па нормално дека кога се случи експлозија на хуманитарна криза ние да сме бахар“, рече Ристовски.

Бегалската криза што се случува денес, како да ја предвиде во неговиот филм „Лазар“. Во него е раскажан животот на луѓе кои не можејќи да се прехранат, пред неколку години на црно превезувале мигранти низ земјава.

Слушнав реченица која ме разгневи - толку многу луѓе доаѓаат во Италија што нашите деца мораат да одат на друго место да бараат работа. Тоа ме разгневи зашто најголем дел од луѓето немаат друг избор.
Адријано Валерио, режисер.

„Поминуваа Романци, Албанци, Кинези, Курди, Сиријци. Во последните десетина години, ако се свртите наоколу, невработеноста и социјалните проблеми го направија тоа во секоја трета фамилија во земјава да слушните дека имаат член кој возел мигранти на црно“, додава Ристовски.

Дека не се бега само од посиромашните земји, туку и од богатите, доказ е филмот „Банат“, чиј режисер Адријано Валерио зборува за двонасочната миграција на Италијанци во Романија, но и обратно, Романци во Италија.

„Од политичка гледна точка бев многу вознемирен бидејќи имаше голем прилив на иселеници од Романија кон Италија. Италија е земја со најголема миграција во 30-тите и 50-тите години од минатиот век. Со кризата во 2008 година Италијанците повторно почнаа да одат во странство по работа. Слушнав реченица која ме разгневи - толку многу луѓе доаѓаат во Италија што нашите деца мораат да одат на друго место да бараат работа. Тоа ме разгневи зашто најголем дел од луѓето немаат друг избор“, вели Валерио.

И претседателот Ѓорге Иванов, кој е покровител на фестивалот, изјави дека филмот ни овозможува да се запознаеме со проблемите на другите луѓе што е особено важно денес, кога сè повеќе луѓе се без корен и без дом.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG