Достапни линкови

Голем број граѓани се незадоволни од власта, а не и веруваат на опозицијата. Тоа остава простор за формирање нови партии пред изборите.

На македонската политичка сцена има простор за нови партии затоа што голем дел граѓани се незадоволни од актуелната владејачка гарнитура, но излезот не го гледаат во сегашната опозиција, велат дел од аналитичарите. Сепак, тие посочуваат дека големите партии така го скроиле изборниот систем за ним да им оди во прилог, а да им отежнува на новите или помали партии.

Мислам дека моментот е адекватен за раѓање на нови политички субјекти како надеж дека ќе се артикулираат интересите на различните групи кои досега немале шанса или не гледале перспектива за остварување на нивните интереси.

Видни членови и поранешни функционери на ДУИ од таканареченото командантско крило, незадоволни од работата на партијата, интензивно собираат потписи за формирање нова партија Унитети(Единство). Бизнисменот Трифун Костовски исто така најави формирање на Движење како натпартиска и мултиетничка организација, кое може да прерасне во партија. Амбиции за прераснување во политички субјект има и движењето Беса, а веќе подолго време се најавува дека Левичарското движење Солидарност има амбиции да излезе на избори.

Поранешниот пратеник Насер Зибери вели дека голем број граѓани не гледаат перспектива и реализација на нивните интереси од постоечките политички партии.

Она што во моментот на левицата се размислува е да се формира политичка партија која ќе ги застапува осиромашените граѓани и работниците. Сите во Македонија имаат своја партија, богатите имаат повеќе од 10 партии, Македонците имаат партии, Албанците имаат партии, Турците, Власите, само сиромашните граѓани на Македонија нема кој да ги застапува преку партија.

„Мислам дека моментот е адекватен за раѓање на нови политички субјекти како надеж дека ќе се артикулираат интересите на различните групи кои досега немале шанса или не гледале перспектива за остварување на нивните интереси“, вели Зибери.

Здравко Савески од Солидарност вели дека граѓаните се незадоволни од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, но не му веруваат на СДСМ и тоа создава простор за нови партии.

„Она што во моментот на левицата се размислува е да се формира политичка партија која ќе ги застапува осиромашените граѓани и работниците. Сите во Македонија имаат своја партија, богатите имаат повеќе од 10 партии, Македонците имаат партии, Албанците имаат партии, Турците, Власите, само сиромашните граѓани на Македонија нема кој да ги застапува преку партија“, вели тој.

Сепак, Савески посочува дека има низа пречки за помалите партии или граѓански листи да учествуваат на избори. За да се регистрира политичка партија потребни се 1.000 потписи, а граѓанска листа мора да собере 1.000 потписи само во една изборна единица, со што тие се во понеповолна ситуација од партиите. Во однос на партиите, тој посочува дека за регистрација се потребни околу 5 илјади евра, во кои се вклучени и уверенија за државјанство на членовите на партијата. Нема потреба од тоа, бидејќи со увид во избирачкиот список може да се види дали некој е државјанин, вели тој и додава дека на тој начин им се дава предност на тие што имаат пари.

„Пет илјади евра за ниту еден газда во Македонија не се никаква пречка, но 5 илјади евра за секоја изборна граѓанска иницијатива се сериозен проблем“, вели Савески.

Зибери, пак, вели дека големите партии никогаш не биле благонаклонети кон раѓањето на нови политички субјекти, но сега Македонија е под силен меѓународен мониторинг што може да им олесни на новите и помали партии да се пробијат на политичката сцена.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG