Достапни линкови

САД и Русија на разговори за борбата против ИД


Соединетите Држави ја отворија вратата за можни тактички разговори со Русија за војната во Сирија во време кога Москва го зголемува нејзиното воено присуство во таа земја. Во меѓувреме, Дамаск најави дека би можело да побара руски војници да се борат на страната на владините сили доколку тоа биде неопходно.

Соединетите Држави соопштија дека ќе отворат „тактички и практични“ разговори со Русија за соработка во воени акции против милитантите на Исламската држава во Сирија. Сепак, како што соопшти портпаролот на Белата куќа Џош Ернст, Вашингтон инсистира Русија да не се обидува да ја поддржува владата на претседателот Башар ал Асад.

„Ставивме јасно до знаење дека руски воени акции внатре во Сирија, доколку бидат за поддршка на режимот на Асад, би биле дестабилизирачки и неконструктивни“, изјави Ернст.

Тој појасни дека разговорите со Москва би биле со цел да се обезбеди безбедно одвивање на акциите на сојузниците предводени од Соедините Држави против милитантите на Исламската држава.

Ставивме јасно до знаење дека руски воени акции внатре во Сирија, доколку бидат за поддршка на режимот на Асад, би биле дестабилизирачки и неконструктивни.

Вашингтон жестоко се противи на руската поддршка на претседателот Асад и во минатата година ги прекина разговорите на високо ниво со Москва по руската анексија на Крим и поддршката на проруските бунтовници во источна Украина.

Но, зголеменото руско воено присуство во Латакија ја отворија можноста за воздушни борбени мисии во Сирија.

Русија распоредува голема воена сила во западниот дел на Сирија, вклучувајќи и тенкови од типот Т-90, тешка артилерија и ракетни системи.

Агенцијата Ројтерс, повикувајќи се неименуван американски претставник, објави дека во Сирија би можело да има околу пет стотини руски војници.

Нема вето за ниту една држава, освен за Израел бидејќи ни е вистински непријател. Нема вето за ниту една земја која навистина сака да се бори против тероризмот да дојде и да разговара за тоа со нашата влада.

Официјален Дамаск ваквите наводи постојано ги демантира. Шефот на сириската дипломатија Валид ал Муалем во четвртокот изјави дека во неговата земја немало руски борбени единици.

„Не се бориме заедно со руските сили, но ако почувствуваме таква потреба ние ќе го побараме тоа“, изјави тој.

Иако сириската армија досега беше во можност сама да се бори, Муалем изјави дека државата има потреба од оружје во справувањето со бунтовниците кои се обидуваат да ја соборат владата на Асад.

„Нема вето за ниту една држава, освен за Израел бидејќи ни е вистински непријател. Нема вето за ниту една земја која навистина сака да се бори против тероризмот да дојде и да разговара за тоа со нашата влада“, рече тој.

​Руската влада соопшти дека воената поддршка за Дамаск била со цел справување со тероризмот, зачувување на сириската државност и спречување на „тотална катастрофа во регионот“.

Москва изрази подготвеност да разговара со Вашингтон за воената соработка во Сирија.

Соединетите Држави, заедно со Саудиска Арабија и Турција, ги поддржуваат сириските бунтовници кои пак од надвор главно се помогнати од Иран и Хезболах во Либан.

Сириската влада која, како што призна и претседателот Асад, се соочува со недостиг на воена сила, се обидува да ја задржи контролата над градовите на запад од земјата по губењето голем дел од територијата во борбите со бунтовниците и со милитантите на Исламската држава.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG