Достапни линкови

Брисел се откажува од мигрантските квоти


Европските власти се подготвени да се откажат од идејата за задолжително распоредување на 120 илјади баратели на азил во земјите на ЕУ. Наместо тоа ќе биде понуден нов систем на доброволно нивно распоредување, што всушност е основното барање на источните членки на ЕУ.

До овој нов предлог доаѓа откако министрите за внатрешни работи и правосудство на Европската унија во понеделникот не успеаа да се согласат за воведување задолжителни квоти.

Оваа идеја беше со цел рамномерна распределба на товарот од големиот бран мигранти во Европа, главно од Сирија и Ирак.

Се уште не е јасно дали новиот план на Европската комисија ќе биде прифатлив за Германија и Франција, бидејќи на таков начин тие ќе се соочат со многу поголем број мигранти отколку со задолжителните квоти.

Министрите за внатрешни работи на Унијата кои се подготвуваат на уште еден состанок на 22 септември, според оценките, не би сакале и тој да пропадне како и претходниот.

„Наша цел е да го зачуваме единството во Европа“ изјави еврокомесарот за миграциски прашања Димитрис Аврамопулос.

Гласањето со мнозинство, а не едногласно е законски можно, но политички контра продуктивно. Впрочем не можеме да ги испраќаме барателите на азил онаму каде што не се добредојдени.

Според официјални претставници во Брисел, задолжителни квоти веќе не биле во опција и оти главно е да се најде место за мигрантите.

Унгарија, Словачка, Романија и Полска се главните опоненти на ваквите квоти, оценувајќи дека тие ќе привлечат повеќе мигранти во Европа и ќе ги нарушат нивните општества.

Унгарија ја отфрли шемата за прераспоредување на мигрантите а, заедно со Грција и Италија кои се на фронталната линија на мигрантската криза, ги испраќа барателите на азил во другите европски држави.

Компромис е можен и околу предлогот за финансиски санкции за земјите кои не сакаат да примат мигранти.

Планот на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер предвидува казна над 0,002 насто од бруто националниот производ на земјите кои не сакаат да бидат дел од шемата.

Доколку и за новите предлози не биде постигнат договор на министерскиот состанок во вторник, Луксембург кој претседава со Унијата најавува дека ќе инсистира на гласање за воведување на задолжителните квоти.

„Гласањето со мнозинство, а не едногласно е законски можно, но политички контра продуктивно. Впрочем не можеме да ги испраќаме барателите на азил онаму каде што не се добредојдени“, вели еден неименуван европски дипломат во Брисел.

Европската унија сака да избегне натамошни сцени како на граничниот премин Хоргош меѓу Унгарија и Србија каде што унгарската полиција употреби солзавец и водени топови да ги растера групите мигранти кои сакале да влезат во Унгарија.

„Сега имаме проблем на границата меѓу Србија и Унгарија, а утре можеби ќе имаме кога преку Хрватска ќе тргнат кон Словенија и Австрија“, изјави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, додавајќи дека не може да се дозволи земјите од Западен Балкан сами да се борат со бегалскиот бран.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG