Достапни линкови

Собранието го изгласа законот за специјален обвинител


Обвинителката Катица Јанева од Гевгелија е предложена за нов специјален обвинител.

Со 111 гласа за, односно сите присутни, пратениците денеска го изгласа Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Гласањето следуваше по повеќе од час долгата расправа во која пратеникот од СДСМ Петре Шилегов и неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски меѓу другото не ја пропуштија можноста за меѓусебни критики кој бил виновен за кризата, но и кој ќе победел на следните избори. Сепак, сите изразија задоволство од законот.

Овој закон е повеќе од она што можеби многумина очекуваа, бидејќи со него не се бира поединец специјален јавен обвинител, со него не се бира ниту определен број на специјални обвинители, со овој закон се бира посебен орган наречен јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

„Овој закон е повеќе од она што можеби многумина очекуваа, бидејќи со него не се бира поединец специјален јавен обвинител, со него не се бира ниту определен број на специјални обвинители, со овој закон се бира посебен орган наречен јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, рече Шилегов.

„Денес Собранието на Република Македонија носи закон и одлуки со кои конечно по повеќе месеци на шпекулации, повеќе месеци на манипулации, дозволете и на лаги, сите аспекти на политичкиот судир меѓу партиите ќе бидат ставени во правни и формални рамки во согласност со Уставот на Република Македонија“, рече Димовски.

Денес Собранието на Република Македонија носи закон и одлуки со кои конечно по повеќе месеци на шпекулации, повеќе месеци на манипулации, дозволете и на лаги, сите аспекти на политичкиот судир меѓу партиите ќе бидат ставени во правни и формални рамки во согласност со Уставот на Република Македонија.

Законот донесен по итна постапка претходно помина во комисијата за политички систем и односи со заедниците и во Законодавно-правната комисија. На пленарната седница за збор се јавија и пратениците од помалите партии и независните пратенички кои критикуваа дека законот го добиле непосредно пред седницата, дека во неговата подготовка не биле вклучена пошироката јавност и оти тој има сериозни недостатоци.

Претходно претседателот на СДСМ Зоран Заев во изјава за Радио Слободна Европа рече дека тој е повеќе од задоволен затоа што законот гарантирал целосна автономија. Тој додава и дека обвинителката од Гевгелија Катица Јанева, која е договорено да биде специјален обвинител, била околу 13 години обвинител и пет години секретар на судот во Гевгелија.

„Се работи за обвинител кој нема никаква партиска припадност. Ја има поминато програмата Фалконе во Сицилија, што е многу значајно за борба против криминалот, едукатор е во програмата на новиот Кривичен законик, била на студиски патувања во САД околу практичната примена, едукатор е на одредени програми на Академијата за судии и обвинители. Според мене, ги исполнува начелно сите почетни услови да веруваме дека на ваков добар закон имаме независно и непристрасно доволно стручно решение кое очекувам пред сè да биде во полза на интересите на граѓаните на Република Македонија“, рече Заев.

Претседателот Ѓорге Иванов, кој се наоѓа во официјална посета на Црна Гора, го поздрави изборот на специјалниот јавен обвинител во Македонија.

„Го поздравувам изборот на специјалниот обвинител и се надевам дека и другите обврски кои се произлезени од договорот меѓу политичките партии ќе бидат на време реализирани и дека тогаш ќе можеме да бараме и од Европската унија да го исполни она што го ветува, односно Македонија да најде начин да ја напушти статус-кво состојбата во однос на нашите евро-интеграции“, рече Иванов.

И портпаролка на Европската комисија, Маја Коцијанчич рече дека договорот што утринава беше постигнат од политичките партии во Скопје за избор на Специјален обвинител е важен елемент од договорите во Пржино. Таа додаде дека комесарот Јоханес Хан на 18-ти септември планира да патува во Скопје и оти очекуваат за време на посетата да се обнови дијалогот на високо ниво.

И од амбасадата на Соединетите Американски Држави им честитаа на партиите за постигнатиот договор за воведување на јавен обвинител и за именување на Катица Јанева на оваа функција, се вели во соопштението. Во него се наведува и дека ова назначување претставува значаен чекор кон утврдување на одговорност, а Соединетите Држави заедно со европските партнери, остануваат посветени да и помогнат на Македонија да го спроведе договорот од Пржино и да продолжи по својот пат на целосна интеграција во евро-атлантските институции како динамичнa, просперитетна и мулти-етничка демократија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG