Достапни линкови

Јанкоски и Портал со „Песни за вевчанската душа“


„Песни на вевчанската душа“ е насловен албумот што го потпишуваат Марјан Јанкоски и неговите музички собеседници од групата ПОРТАЛ. Станува збор за проект кој е работен во изминатава деценија и на кој се документирани 10 песни, пронајдени, истражени и разработени со идеја во денешнинава да биде заокружена музичката самоидентификација на тој дел од Македонија.

Професорот, научник, мултиинструменталист и пејач Марјан Јанкоски отсонува уште еден од своите младешки соништа. Тој со своите музички собеседници од групата ПОРТАЛ, Ангеле Михајловски на пијано, Сашко Петрев – тамбура, Иле Колев – кларинет, Елена Владимирова и Драгана Трифуновиќ – виолини, Златко Панов – виола и Стојанче Наумовски – виолончело, потпомогнати од Ратко Даутовски на ударни инструменти и Лазар Митев на хорна, деновиве го обнародија албумот „Песни на вевчанската душа“.

Најдов во себе една идеја којашто ми се проткајуваше сиве овие години. Од самиот почеток расчистив со некои прашања – дека за ваков проект не треба ни држава да ти помага, ни општина, нит било кој. Почувствував дека му недостасува на Вевчани и дека ова му треба во неговата културна, музичка самоидентификација.
Марјан Јанкоски, музичар.

Се работи за проект кој трпеливо е подготвуван повеќе од една деценија и завреден документ на кој се забележани 10 традиционални песни од овој крај, пронајдени, истражени и разработени со идеја во денешнинава да биде заокружена музичката самоидентификација на Вевчани.

„Најдов во себе една идеја којашто ми се проткајуваше сиве овие години. Од самиот почеток расчистив со некои прашања – дека за ваков проект не треба ни држава да ти помага, ни општина, нит било кој. Почувствував дека му недостасува на Вевчани и дека ова му треба во неговата културна, музичка самоидентификација. Не наидовме на разбирање од материјална страна, но создадовме нешто за кое Господ се смилува дека треба да биди. Ни даде здравје, ни даде сили. Мене ми ги дари луѓето со коишто го работев овој проект и мислам дека направивме еден антологиски документ за кој се надевам дека ќе живее со години, со времиња нанапред затоа што во него е вложена жртва“, вели Јанкоски.

Почувствував потреба нималку не штедејќи се да работам на тоа да се задржи оној препознатлив дух кој веќе постои. Сето тоа да се крепи на православниот начин на размислување, да се задржат оригиналните вредности на самите композиции, но преку давањето на авторизиран пристап тие и да пулсираат во времево во кое ние живееме. Она што јас како вевчанец мислев дека е најпотребно, бидејќи долги години свирев и активно учествував во тамошниот музички и културен живот.
Марјан Јанкоски, музичар.

Тој дополнува дека нам Вевчани ни е познато по многу аспекти – историски, по карневалот, по великодушноста, по бунтовноста, но дека по музичка смисла овој простор безмалку бил заборавен. Истакнува дека во минатиот век традицијата активно си била присутна, но дека во денешнинава таа како да потонала во тишина. Затоа кај него се родила потребата да го избрише тој феномен и да создаде нешто што ќе биде одлика на овој простор.

„Почувствував потреба нималку не штедејќи се да работам на тоа да се задржи оној препознатлив дух кој веќе постои. Сето тоа да се крепи на православниот начин на размислување, да се задржат оригиналните вредности на самите композиции, но преку давањето на авторизиран пристап тие и да пулсираат во времево во кое ние живееме. Она што јас како вевчанец мислев дека е најпотребно, бидејќи долги години свирев и активно учествував во тамошниот музички и културен живот. Едноставно сметав дека сето тоа треба да го ставам на едно место и да биде мал скромен почеток, мал придонес на идејата за звуковна самоидентификација на Вевчани и воопшто на тој крај. Нешто со кое ќе се гордеат жителите на југозападниот дел од Македонија при неговото претставување“, вели тој.

Она што притоа особено е важно, како што потенцира Јанкоски, е дека ова е редок пример кај нас некој од домашните музички творци да се зафатил со обработка на звучната традиција на еден поголем етнички простор и на тој начин да му даде еден специфичен самосвоен белег.

И, колку за потсетување Марјан Јанкоски, роден 1979 година во Вевчани, своето музичко образование го започнал во ДСМУ во Битола, а додипломски и постдипломски студии завршил на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Драган Даутовски. Како изведувач на народни инструменти, тој настапувал на најреномираните музички фестивали во земјава како „Охридско лето“, „Денови на македонска музика“, „Есенски музички свечености“ и соработувал со македонските композитори како Властимир Николовски, Стојан Стојков, Гоце Коларовски, Запро Запров и други. Свирел со Македонската филхармонија, ансамблот на МОБ, камерниот оркестар „Света Софија“ и концертирал во соседните Грција, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Словенија и во Италија.

Како автор на музика, тој пишува дела за соло инструмент, камерна музика и творби за симфониски оркестар. Неговите композиции се изведувани скоро на сите домашни фестивали, а од особено значење е и неговото творештво во рамките на музичкиот состав „ПОРТАЛ“, што Јанковски, со дузина професионални музичари, го оформил во 2002 година. Станува збор дружина која се обидува да ја истражи врската помеѓу уметничкото и традиционалното, односно да креира симбиоза помеѓу навидум неспоивите стилови и правци кои се карактеристични од една страна за постојната инструментална музичка традиција, па преку православната (византиска) музика да допре до класиката.

Инаку, Јанковски, кој сега е професор по народни инструменти на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во периодов што следува ќе се обиде да го документира и делото за камерен оркестар „Радост моја, Христос воскресе!!!“ со кое ПОРТАЛ минатата година успешно настапи на манифестацијата „Скопско лето“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG