Достапни линкови

Јубилејниот 40-ти МОТ против бариерите


„Бариери“ е мотото под кое од 23 до 28 септември, на неколку сцени во градов, ќе се одржи 40-то јубилејно издание на интернационалниот театарски фестивал „Млад отворен театар“. На манифестацијата, чиј организатор е Младинскиот културен центар од Скопје, публиката ќе има можност да проследи седум храбри и моќни меѓународни продукции, како „Црвена шума“ на Белорускиот слободен театар од Лондон или „Самовили“ на московскиот „Гогољ центар“ и исто толку домашни проекти кои завредуваат особено внимание. Ќе бидат одржани и три панел дискусии, а планирана е и презентацијата на книгата „Моќта на театарот – 40 години МОТ“ на доајенот Љубиша Никодиновски Биш.

Четириесеттиот јубилеен МОТ ќе започне со рушење на бариерите. Со разголување „и со тела преполни со енергија и живот“. Љубителите на театарот, оние над 16 години, на сцената на Македонската опера и балет, ќе имаат можност да ја проследат претставата „Пред“ на Гилјермо Ботељо и на женевската трупа „Алијас“, една од водечките во Швајцарија и дружината што се занимава со вистинско кореографско истражување.

Трупата моментално работи од Англија, брои 32 члена и голем број од нив биле следени, прогонувани и апсени од КГБ за тоа што го работат. Своите претстави во Белорусија ги изведувале на тајни локации, а по шестмесечни преговори конечно со „Црвена шума“ ќе ги имаме во Скопје.
Русе Арсов, извршен продуцент и еден од креаторите на програмата на МОТ.

Истата вечер, на 23 септември, од 22.30 во МКЦ, ќе биде изведена копродукцијата „Комплекс Ристиќ“ во која „ужасното дете на балканскиот театар“ Оливер Фрљиќ преку „својата форензичка режија го препушта низ рентген комплицираниот театарски тероризам на Љубиша Ристиќ и неговиот троцкистички проект КПГТ“.

Следниот ден, по многу време, на МОТ повторно ќе видиме еден театар од Русија. Доаѓа московскиот „Гогољ центар“, театарот на Кирил Сребреников со претставата „Самовили“. На 25 септември, пак, ќе се случи уште едно поместување на бариерите. Танцовиот театар „Лидија Литос“ од Атина, соседна Грција, ќе го претстави својот проект „Друга страна“ работен по текстот на нашиот Дејан Дуковски и во режија и кореографија на Фенија Апостолоу, една „драма за човечките соништа и за страсната борба на луѓето да сакаат и да бидат сакани кога се заробени во една уништена држава“.

Бариери или ѕидини, тоа е она што оваа година нè инспирираше и нè натера претставите со повеќегодишно внимание да ги бираме и така да ја креираме оваа програма. Кога велам бариери, мислам на бариери на умот, политички, временски, родови, конфесионални, финансиски, на сопственото јас, бариери кои МОТ успешно, умешно, некогаш похрабро, а некогаш помалку храбро успевал да ги руши и да ги сруши.
Златко Стефковски, директор на Младинскиот културен центар.

И, потем, наредната вечер, во „Фросина“ ќе ја видиме претставата што беше пожелувана и најавувана уште минатата година - „Црвена шума“ на Белоруски слободен театар од Лондон и режисерот, автор и сценограф Николај Калезин. Станува збор за „епска легенда за 21 век исткаена од вистински животни приказни за луѓе што живеат во завојувани подрачја, во диктатури, во неправедни и нееднакви општества низ светот“.

„Трупата е меѓународна и е составена од актери од Белорусија, Англија, Нигерија, Австрија и од Америка. Досега имаат настапувано на фестивали на сите континенти и имаат освоено еден куп награди и признанија. Добитници се и наградата за човекови права на Француската Република. Трупата моментално работи од Англија, брои 32 члена и голем број од нив биле следени, прогонувани и апсени од КГБ за тоа што го работат. Своите претстави во Белорусија ги изведувале на тајни локации, а по шестмесечни преговори конечно со „Црвена шума“ ќе ги имаме во Скопје“, истакнува Русе Арсов, извршен продуцент и еден од креаторите на програмата на МОТ.

Во последните два дена од ова јубилејно издание на МОТ ќе бидат прикажани уште два големи и значајни регионални проекти. На 27 септември конечно и Скопје ќе ја види „Неопланта“ на новосадскиот „Ујвидеки театар“ што режисерот Андраш Урбан ја стокми читајќи го на свој начин фасцинантниот истоимен роман на Ласло Вегел („релевантна приказна за нашите постојни сфаќања за прифатеноста“), а за спуштање на завесата на годинешното издание е оставена „А каде е револуцијата стоко?“ на режисерот Борут Шепаровиќ и хрватскиот „Монтажстрој“. Ова е политичка, документарна и мултимедијална претстава која поставува некои од пожестоките прашања на сеопфатните општествени промени на современиот свет. Во неа драмскиот текст не се изговара туку се пее, а во создавањето на репертоарот од цитати, парафрази и препеви, користена е музиката на ШАРЛО АКРОБАТА, ИДОЛИ и ЕЛЕКТРИЧНИ ОРГАЗАМ забележана на култниот југословенски рокенрол албум „Пакет аранжман“, издание на „Југотон“ од 1981 година.

Од друга страна, со идеја по прв пат годинава да се обидат да направат организиран македонски преглед на престави за кои сметаат дека се релевантни да бидат прикажани пред бројните странски продуценти, организаторите посегнаа и по дузина домашни остварувања кои во изминатава година ја брануваа културната јавност. Така, публиката ќе има можност да ги види „Време на забава“ на Зоја Бузалковска и театарската трупа „Гнев“, „Солун, град на духови“ на Слободан Унковски и „Театарот на навигаторот Цветко“, „Федра“ на Александар Ивановски, инаку копродукција меѓу Велешкиот театар и Словенско младинско гледалишче, „Прометеј“ што Дејан Пројковски ја режираше во Турскиот театар од Скопје, „Дневникот на лудакот“ чиј комплетен автор е Марјан Неќак на Moving Music Theatre од Битола, „Кој пукаше на 21-ви?“ од Нина Николиќ во продукција на Младинскиот културен центар и наградуваната „Електра“ на непредвидливиот Андреј Жолдак и МНТ.

Ќе бидат одржани и три панел конференции чии наслови се „Цензурата и ебениот политички театар“, „Какви театарски фестивали (не) ни требаат денес“ и „Молк на сцена“, а ќе биде претставена и книгата „Моќта на театарот“ на д-р Љубиша Никодиновски – Биш. Конечно, сето ова ќе се одвива под мотото „Бариери“.

„Бариери или ѕидини, тоа е она што оваа година нè инспирираше и нè натера претставите со повеќегодишно внимание да ги бираме и така да ја креираме оваа програма. Кога велам бариери, мислам на бариери на умот, политички, временски, родови, конфесионални, финансиски, на сопственото јас, бариери кои МОТ успешно, умешно, некогаш похрабро, а некогаш помалку храбро успевал да ги руши и да ги сруши“, појаснува Златко Стефковски, директор на Младински културен центар.

Инаку МОТ годинава со буџет со кој организаторите се „само половично задоволни (5 милиони денари од Министерството за култура и 2 од Град Скопје), бидејќи сметаат дека за фестивал каков што тие би сакале се потребни двојно повеќе“, ќе се одржува на неколку локации - во Македонската опера и балет, Младинскиот културен центар, Театар Комедија, Македонскиот народен театар и Музејот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Згора на тоа, за љубителите на младиот и храбар театар особено е важно тоа што за јубилејот до почетокот на Фестивалот влезните билети за сите претстави од програмата ќе бидат со 40-процентен попуст.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG