Достапни линкови

Орав – Специјален обвинител ќе има до 15 септември


Ако не во претстојните часови, тогаш во претстојните денови, отворените прашања ќе бидат решени, така што до 15 септември договорот ќе биде постигнат и на 16 септември новиот специјален обвинител може да започне со работа, вели евроамбасадорот Аиво Орав.

Специјалниот обвинител мора да биде избран до 15 септември и за тоа немаме план Б, изјави денеска евроамбасадорот Аиво Орав. Тој рече дека договорот од Пржино е извонредно постигнување од македонските политички партии. Процесот за договарање беше тежок, а сега партиите се во уште потешка фаза, затоа што се соочуваат со имплементација на договореното, рече Орав.

Навистина има уште неколку преостанати прашања, но јас сум сигурен дека, ако не во претстојните часови, тогаш во претстојните денови, тие прашања ќе бидат решени на многу конструктивен начин во интерес на оваа држава, така што до 15 септември договорот ќе биде постигнат и на 16 септември новиот специјален обвинител може да започне со работа.

„Опозицијата на 1 септември се врати во Собранието, што беше еден од клучните елементи на договорот. Друг клучен краен рок доаѓа наредната недела, на 15 септември, кога треба да биде избран специјален обвинител од четирите најголеми политички партии. Во изминативе денови многумина ме прашуваат дали има план Б, ако не биде избран специјалниот обвинител. Не, нема план Б, специјалниот обвинител мора да биде назначен на 15 септември и лично многу сум охрабрен од завчерашните говори на премиерот Груевски и опозицискиот лидер Заев, кои испратија многу охрабрувачки пораки дека партиите навистина сакаат да го изодат овој пат до крај. Навистина има уште неколку преостанати прашања, но јас сум сигурен дека, ако не во претстојните часови, тогаш во претстојните денови, тие прашања ќе бидат решени на многу конструктивен начин во интерес на оваа држава, така што до 15 септември договорот ќе биде постигнат и на 16 септември новиот специјален обвинител може да започне со работа“, рече Орав.

Тој не сакаше да коментира дали постигнувањето договор за специјалниот обвинител е услов за посетата на еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан на земјава, која е најавена за 18 септември.

Во нивните обраќања по повод Денот на независноста 8 Септември, и премиерот Никола Груевски и претседателот на СДСМ, Зоран Заев, се заложија за целосно спроведување на договорот од Пржино и посочија дека специјалниот обвинител ќе биде избран до крајниот рок – 15 септември. Дел од домашните аналитичари, пак, велат дека партиите тактизираат со спроведување на договореното и изразуваат сомнеж дека обвинителот може да се избере до поставениот рок.

Инаку, евроамбасадорот Орав, заедно со министерот за внатрешни работи Митко Чавков денеска присуствуваше на промоција на кампањата „Правата да се уживаат, обврските да се почитуваат“, што се реализира во рамки на проектот за „Јакнење на капацитетите на органите за спроведување на законот за соодветно постапување со задржани и осудени лица“. Проектот финансиран од ЕУ се фокусира на две главни компоненти, особено на затворскиот систем и на полициската служба, односно на развој на капацитетите за зајакнување на професионализмот во поглед на гарантирање целосно почитување на основните права на лицата кои се во притвор, преку ефикасна и сигурна регулаторна и оперативна рамка. За РСЕ...

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG