Достапни линкови

„Сакам само мојот син да живее во мир“


Мириам Хусеин во разговор со новинари на македонска територија

Мириам Хусеин во разговор со новинари на македонска територија

Хуманитарните организации кои работат на терен велат дека над 5000 мигранти дневно поминуваат низ земјава, при што им обезбедуваат храна, вода и помош.

Секојдневно илјадници мигранти поминуваат низ дивиот премин на македонско грчката граница во потрага по безбеден живот далеку од војната во нивните земји. Сите имаат различни животни приказни, но иста цел - да стигнат до некоја од западноевропските земји.

Сакам само да одам на безбедно место каде мирно ќе спијам и кога ќе се разбудам утрото нема да има војна и нема да се плашам за мојот маж и моето дете. Тоа е сè што сакам.

Меѓу нив, во контролниот пункт во близина на границата, ја сретнавме и младата Сиријка Мириам Хусеин, која со нас ја сподели нејзината приказна. Сирија, заедно со нејзиниот сопруг и две ипол годишниот син ја напуштила пред еден месец. Фармацевт по професија, вели дека крајната дестинација ѝ е земја каде што ќе може да најде работа и каде нема да се плаши за сопствениот и животот на нејзиното семејство.

Сакам само да одам на безбедно место каде мирно ќе спијам и кога ќе се разбудам утрото нема да има војна и нема да се плашам за мојот маж и моето дете. Тоа е сè што сакам. Можеби би студирала повторно. Сакам да работам, а не да живеам од парите кои би ни ги давале земјите каде ќе отидеме. Сакам да продолжам понатаму да имам добар живот. Сакам мојот син да живее во мир заедно со други деца. Тој сега, иако има две ипол години, не зборува, вели само мама и тато, бидејќи нема деца со кои може да си игра“, вели Мириам.

Постојано се очекува прилив на мигранти. Спремни сме, имаме доволно хуманитарна помош и персонал кој може да се справи со оваа ситуација.

Од Турција, каде поминале десет дена во камп, Мириам и нејзиното семејство патувањето го продолжиле до еден од грчките острови, па до Атина, од каде се упатиле на македонско грчката граница. Таа вели дека најмногу се исплашила за својот живот и за нејзиното дете додека патувале со чамецот до грчкиот остров кој бил претесен за сите мигранти.

„Не знам да пливам и ни ги земаа заштитните елеци за пливање, не знам зошто. Околу нас беа само небото и водата и сите овие семејства овде. Мислев дека ќе умрам секој момент“, додава таа.

Пред возот кој мигрантите ги носи до Табановце сретнавме уште една мајка на четири деца од сирискиот град Алепо. Далила ни кажа дека во родната земја била наставничка.

„Многу е тешко. Го оставивме целиот багаж и сега немаме ништо. Одиме за Германија, каде ме чека мојот сопруг“, вели таа.

Хуманитарните организации кои работат на терен велат дека над 5000 мигранти дневно поминуваат низ земјава, при што им обезбедуваат храна, вода и помош.

„Постојано се очекува прилив на мигранти. Спремни сме, имаме доволно хуманитарна помош и персонал кој може да се справи со оваа ситуација“, вели Александар Јонузовски од Црвен крст.

„На некој начин е подобро, но фалат некои работи овде во кампот. На пример се работи на тоа, но сè уште нема техничка вода за луѓето. Водата која нам ни беше наменета за пиење, луѓето ја користат за миење раце и освежување“, вели Хадис Алија од Легис.

Лесно е да зборуваш, додава Мириам, но патот е тежок, бидејќи не знаеш каде одиш особено со дете. Но, сепак, на нејзиното лице има насмевка, вели мора да биде позитивна и покрај сè.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG