Достапни линкови

logo-print

Уметницата Марија Милошевска со перформанс „Јас сум... Скопје“


„MOVE WITH (OUT)“, интернационалниот патувачки проект што ги истражува идеите за тоа што е дом, овој четврток и петок, на 10 и 11 септември, ќе гостува во Скопје. Во негови рамки е предвидено да бидат изведени два перформанси и дебата со заеднички наслов „Јас сум Скопје“ чиј носител е македонската уметница Марија Милошевска.

Јас сум наследство.

Предизвикот ми беше да го спојам филигранот со една ваква малку посериозна тема. Да му дадам нова концептуална верзија, односно да се изрази темата на дом, миграција и идентитет преку перформанс во кој се користи филигранската техника.

Јас сум детство и слобода.

Јас вдишувам воздух, јас издишувам живот.

Јас извлекувам, јас сакам, истрајувам...
Јас се топам.
Јас го пренесувам звукот на среброто...
Јас сум трпелива, едноставна, љубена.

Овој проект е од отворен карактер и во него учество можат да земам сите граѓанки и граѓани на Скопје. Нивно е да дојдат на определената патеката на движење и да комуницираме. Да разговараме, да гледаат изложба, да ги прашам што е Скопје за нив.

Јас сум Камени мост, жива жица што поврзува.
Јас сечам меѓу крст и минаре.
Јас сум река.
Јас сум промена.
Јас сум (и) Скопје.

Ова се стиховите што македонската уметница Марија Милошевска ќе ги забележи за својот актуелен перформанс „Јас сум Скопје“ кој ќе се обистини деновиве во рамките на интернационалниот патувачки проект што ги истражува идеите за тоа што е дом - „MOVE WITH (OUT)“, а зад кој стои британската организација „Something Human“.

Всушност, овој номадски проект ги истражува амбивалентните врски помеѓу концептите – внатре и надвор формирани како резултат на повеќе сфери како идентитет, граници, миграција, припадност, желба за припадност, при што се вклучува и тензијата со движењето низ нив. Тој кај нас доаѓа по претставувањата во Берлин, Лондон, Рим, Венеција, Белград, Сингапур и Будимпешта, а зад целата заложба стојат Милошевска и здружението за уметност „Доминиум“, потпомогнати од Град Скопје и европската културна фондација „STEP BEYOUND“.

„Предизвикот ми беше да го спојам филигранот со една ваква малку посериозна тема. Да му дадам нова концептуална верзија, односно да се изрази темата на дом, миграција и идентитет преку перформанс во кој се користи филигранската техника“, вели уметницата.

Милошевска појаснува дека перформансот се состои од два дела. Првиот почнува на плоштадот Македонија пред Камениот мост и тој симболично го означува домот. Како што уметницата ќе се движи со куферот во раце по одбраната патека ќе биде направен напор да биде пресликана миграцијата, за на крај да биде спакуван и идентитетот, односно „градот Скопје“.

„Овој проект е од отворен карактер и во него учество можат да земам сите граѓанки и граѓани на Скопје. Нивно е да дојдат на определената патеката на движење и да комуницираме. Да разговараме, да гледаат изложба, да ги прашам што е Скопје за нив. Да ги изразат нивните размисли, критики и чувства за градот, запишувајќи ги на моето тело кое ќе претставува простор за такво едно бележење. Идејата е да дадам еден дел од мојот личен простор за луѓето да се изразат и воедно и самата симболично да зафатам еден мал простор од нашево Скопје. Се надевам дека така јасно ќе се види колку имаме слободен духовен простор меѓу нас“, вели таа.

Всушност, како што вели, целта на перформансот е да ја преслика промената на градот преку процесот на филигранската техника, односно дека за неа извлекувањето на жицата, преку нејзиното сукање и сè до конечното обликување во парче уметност е воедно и меморирање на спомените за градот.

„Овој перформанс ги истражува врските помеѓу поединечните и колективните спомени за Скопје преку практиката на уметникот, за да потем се истражат и комплексните врски помеѓу личните приказни и историјата“, вели таа.

Конечно, дводневните случувања ќе кулминираат во културниот центар „Кула“ со дебатата „MOVE WITH (OUT)... ЈАС СУМ... СКОПЈЕ“ во која, покрај Марија Милошевска, учество ќе земат и кураторите на овој интернационален номадски проект Александра Цијанети и Ени Кван.

Марија Милошевска со уметнички дизајн на накит и со филигран се занимава од 2005 година. Досега има учествувано на повеќе групни изложби како Уметност во минијатура, 14-то Биенале на млади уметници од Европа и од Медитеранот, а ОРО-РОК беше насловена нејзината прва самостојна поставка на која, пролетта 2011 понуди уникатни примероци на накит и инсталации изработени во комбинација со традиционалниот филигран и нови иновативни техники и сето тоа инспирирано од музиката на најзначајните творци од некогашниот југословенски „нов бран“ како АЗРА, ХАУСТОР, ИДОЛИ, ЕКАТЕРИНА ВЕЛИКА, ДИСЦИПЛИНА КИЧМЕ и други.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG