Достапни линкови

logo-print

По година ипол, прва седница на Парламентот со опозиција


Собранието се комплетира, но дали пратениците ќе ги стават интересите на граѓаните пред партиските? Познавачите очекуваат продолжување на стандарното препукување.

Пратениците на власта и опозицијата денеска за прв пат заедно по година и половина седнаа во собраниските клупи. Експертите очекуваат политичките партии повторно, како и во минатото да ги стават сопствените, пред интересите на граѓаните и да продолжат со стандардните препукувања.

Дали партиите ги ставаат личните, партиските интереси над општествените, државните тоа сигурно е така.

Политичкиот аналитичар и поранешен пратеник Насер Зибери вели дека работата на Парламентот е сменета во однос на тоа дека сега ќе има дебата и нема да се гласаат по стотина закони за еден ден.

„Дебата треба да има, природно е во Парламентот да се дебатира. Дали партиите ги ставаат личните, партиските интереси над општествените, државните тоа сигурно е така. Тоа не е одлика само на овој парламентарен состав, Македонија постојано пати од ваквата состојба“, вели Зибери.

Политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ вели дека интересите на политичките партии биле многу видливи уште во преговорите за решавање на политичката криза. Според неа, интересот на СДСМ бил само да постават свои луѓе на клучни места, а ВМРО-ДПМНЕ била притисната поради тоа што ги преминала сите граници. Гледано од страна, како што наведува таа, преговорите биле за остварување на личните интереси, а на маса не биле ставени потребите на граѓаните, а нивното однесување ќе продолжи на истиот начин и во Собранието.

Сè повеќе и повеќе ќе растат апетитите на СДСМ за тотално поставување на свои луѓе на повеќе клучни места, а од друга страна ако ВМРО-ДПМНЕ одбива, туку СДСМ ќе ја користи алатката на притисок од страна на странските преговарачи и олеснувачи

„Сè повеќе и повеќе ќе растат апетитите на СДСМ за тотално поставување на свои луѓе на повеќе клучни места, а од друга страна ако ВМРО-ДПМНЕ одбива, туку СДСМ ќе ја користи алатката на притисок од страна на странските преговарачи и олеснувачи. Така да само ќе продолжи играта на личните интереси и политички амбиции“, додава Стојадиновиќ.

​Според Зибери, само во исклучителни драматични ситуации политичките партии се издигнувале над сопствените интереси, но во длабоката политичка криза со која се соочува Македонија тешко дека ќе има некој разумен глас во Парламентот.

„Оваа структура на Парламентот со лимитиран мандат мислам дека така ќе ја заврши својата работа. Идните избори доколку имаме шанса да бидат на фер и демократски начин, да се надеваме дека ќе имаме некоја структура, која ќе знае да ги постави на поинакви основи, односно интересите на граѓаните , општеството и државата да се приоритет. За жал од оваа структура не очекувам битна промена во полза на овој општ интерес“, смета Зибери.

Пратениците на опозицијата официјално во Парламентот се вратија на први септември, како што беше предвидено во договорот од Пржино за решавање на политичката криза во земјава.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG