Достапни линкови

Германска амбасада: Да се имплементира договореното од 2 јуни и 15 јули


Излез од политичката криза е можен само со потполна и навремена имплементација на сите чекори усогласени во договорите од 2 јуни и 15 јули оваа година, порачува Амбасадата на Сојузна Република Германија во Македонија. Амбасадата, како што соопшти попладнево, има големи очекувања во врска со именувањето на специјалниот обвинител на 15 септември.

„Ова именување претставува важна обврска од споменатите договори, бидејќи специјалниот обвинител треба да обезбеди независна, транспарентна и сеопфатна правна разрешница на обвиненијата за тешките престапки кои произлегуваат од телефонските снимки. Само на тој начин веродостојноста на институциите на земјата, кои се соочуваат со тешки обвиненија, повторно може да биде вратена. Амбасадата очекува дека специјалниот обвинител ќе може да ги врши своите надлежности во рамките на потполна автономија, која му е гарантирана од страна на партиите со договорот од 15 јули и да има пристап кон сите материјали, кои се релевантни за неговите истражувања“, наведува Германската амбасада.

Воедно, изразува надеж дека службите за кривично гонење и судовите на земјата ќе ги решаваат постапките во врска со телефонските снимки според важечките национални и меѓународни прописи, а воедно да го сторат тоа на начин, кој овозможува сеопфатно истражување и разрешување. Германската амбасада, стои во соопштението, со внимание и интерес ја проследила првостепената одлука од 1 септември на Основен суд Скопје 1.

XS
SM
MD
LG