Достапни линкови

Фузијата на сегашноста и минатото на Џон Спенсер блуз експлоужн во МКЦ


Во рамките на регионалната турнеја, по Љубљана, Загреб и Белград, овој петок, на 4 септември, во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе настапи ЏОН СПЕНСЕР БЛУЗ ЕКПЛОУЖН, њујоршкото трио за кое се вели дека свири бучна музика, валкан соул, урбан блуз, керозинско диско, бизарен поп, дисторзиран хип-хоп и дека тоа успешно го прави четврт век наназад. Локална поддршка на овој нивни перформанс ќе бидат нивните сомисленици - нашите Д ЏОН.

Во градов кој систематски станува турбо-потемкиново село, барем за кратко, конечно ќе имаме можност наново да го чествуваме духот на Големото јаболко. Во Скопје, по концертите во Љубљана, Загреб и Белград, ни доаѓаат Џон Спенсер, Џуда Бауер и Расел Симинс, или заедно ЏОН СПЕНСЕР БЛУЗ ЕКПЛОУЖН, еден од најпожелуваните американски бендови кај овдешната, македонската урбана популација.

Покрај тоа што во некоја рака го делиме името на бендот – Д ЏОН СПЕНСЕР БЛУЗ ЕКСПЛОУЖН и Д ЏОН, ги делиме и психоделичните рокерски и блузерски гитари. Затоа оваа средба ќе биде едно високо-енергетско-блузерско-рокерско цунами кое почнува во Њујорк и завршува во Скопје. Кој ќе преживее, ќе раскажува ха, ха, ха.

Доаѓаат да ни ја претстават својата потполна посветеност на рок филозофијата и да го промовираат новиот одличен албум од март годинава - „Freedom Tower – No Wave Dance Party“, за кој, патем, критичарите ќе забележат дека претставува „своевиден радикален портрет на Њујорк преточен во футуристичка бучна, валкана рокенрол музика“.

За неа ќе биде забележано и тоа дека „како најдобрите плочи што излегуваа од Бронкс, од Лоуер ист сајд, од Гриниџ Вилиџ во 1970-тите и 1980-тите – „Freedom Tower“ таа не е обична високооктанска винилка за шизење – туку документ за Њујорк, хроника за валканиот асфалт, за ужасот и за љубовта! Тука има сè: и хазардери и богати деца, и настрадани во концертни шутки, и расипани џандари и измачени уметници, и заборавени курви и славни џет-сет готвачи и лажни рапери. Меѓу овие звуци се и еднособните станови и луксузните галерии и мрачните студија на Авенија Б. Тука е и последниот вистински поет-бунтовник чија мрачна магија го оживува духот на гаражот!“.

Наспроти ваквите суперлативи, фактографијата вели дека ЏОН СПЕНСЕР БЛУЗ ЕКСПЛОУЖН се формирани во 1991 година и дека нивната звучна слика се потпира на рокенролот со примеси на панкот, блузот, гаражната музика, рокабилито, соулот, ноисот, ритам и блузот и хип-хопот. Зад себе имаат седум официјални албумски изданија, неколку заеднички објави со ДАБ НАРКОТИК САУНД СИСТЕМ и култниот американски блуз музичар Р. Л. Брнсајд. Следејќи го, пак, сопственото поимање на нештата дека ним ништо не им значи „старата слава“, Бауер, Симинс и Спенсер, често милувале да експериментираат (најмногу во технологијата на снимање на плочите), та од таму сосема разбирливи се и нивните соработки со музичари како Елиот Смит, легендарниот Соломон Брк, продукцискиот чудотворец Стив Албини, Мартина Топли Брд, Ненси Синатра, Бек и други.

Не им се непознати ниту излетите со формации како што е ад-хок проектот на Спенсер - ХЕВИ ТРЕШ, потем и ХАНИМЕН КИЛЕРС, Симинс и Бауер дури во една пригода биле во придружниот бенд на Том Вејтс во шоуто на славниот Дејвид Летерман и така до бескрај.

Инаку, во едно од интервјуата пред почетокот на актуелната турнеја, Џон Спенсер вели дека „публиката е безмалку иста секаде во светот и дека ќе ти врати онолку колку што и самиот ќе дадеш“. А, на прашањето што може од нив да очекуваат нивните балкански поклоници тој дополнува дека може да вети „75 минути интензивен супер динамитски соул и дека и овој пат ќе се трудат секој од претстојните концерти да биде нивниот најдобар“.

Од друга страна, локална поддршка во оваа пригода ќе им бидат нивните сомисленици - нашите Д ЏОН.

„Покрај тоа што во некоја рака го делиме името на бендот – Д ЏОН СПЕНСЕР БЛУЗ ЕКСПЛОУЖН и Д ЏОН, ги делиме и психоделичните рокерски и блузерски гитари. Затоа оваа средба ќе биде едно високо-енергетско-блузерско-рокерско цунами кое почнува во Њујорк и завршува во Скопје. Кој ќе преживее, ќе раскажува ха, ха, ха“, во пресрет на концертот истакнува Љупа Ангелов.

И, уште нешто. МКЦ, со концертите на СВОНС и ЏОН СПЕНСЕР БЛУЗ ЕКСПЛОУЖН, барем за кратко, давајќи и оддишка на рокенрол историјата ни ги предочија пропуштените лекции од некога. Сега би било разбирливо, во дослух со времето, кога во името на сегашните генерации млади луѓе повторно би посегнале по звучната сегашност и по актуелните, и само нивни херои.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG