Достапни линкови

Водата во Скопје на резерва


Нивото на водата на изворот Рашче е намалено поради топлото време и затоа се вклучени и резервите од бунарите во Лепенец и Нерези. Жителите на неколку скопски наслеби немаат вода со денови.

Изминатите три дена по повеќе часови во текот на денот немаме вода, се жалат жителите на скопската населба Железара. Тие велат и дека не им било најавено дека ќе има недостиг на вода, а од Водовод и канализација секој ден добивале различни објаснувања за причината. Во слична ситуација се и жителите на Топанско поле.

Многу не иритира тоа, бидејќи е болно во 21 век да немаме вода во урбани населби.

Еден од жителите на Железара, Горан Теменугов вели дека е срамно тоа што се случува, особено што немале вода на 31 август кога децата требале да ги подготват за првиот училишен ден. Според него, најстрашното е што не можат да го планираат денот и при високите температури тешко излегуваат на крај без вода.

„Имаме впечаток дека никој од градот не е засегнат од состојбата со немање вода. Веројатно тоа се должи на тоа дека не е предизборие за локални избори па не треба да им се умилкуваат на граѓаните. Исто така многу боли кога ќе слушнеме на колку добар економски пат сме, колку се инвестира во центарот на Скопје. Имаме панорамски тркала кои се градат, имаме нова зграда на Водовод и канализација, која ќе биде феноменална, кружна и која ќе чини 5 милиони евра. Многу не иритира тоа , бидејќи е болно во 21 век да немаме вода во урбани населби, кои се урбанизирани уште пред 50, 60 години кога се направени“, вели Теменугов.

Вода за пиење купуваме, а за другите потреби не може никако, односно одиме кај пријатели и роднини во другите делови од градот.

Тој додава дека редовно си ги плаќаат сметките за вода и смешно е да немаат услови за живот кои доликуваат на една урбана средина. Сашко Кимов, кој исто така живее во Железара вели дека не знаат во што е проблемот и дали се работи за дефект или за штедење на вода, при што се снаоѓаат како знаат и умеат.

„Вода за пиење купуваме, а за другите потреби не може никако, односно одиме кај пријатели и роднини во другите делови од градот. Не знаеме всушност ни дали е дефект или се работи за рестрикција на водата поради топлото време“, додава Кимов.

Од Водовод и канализација информираат дека нивото на водата на изворот Рашче е намалено поради топлото време и затоа се вклучени и резервите од бунарите во Лепенец и Нерези. Според претпријатието, нема место за паника кај граѓаните и поради малите дефекти кои се јавиле немало вода во одредени делови на Скопје.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG