Достапни линкови

logo-print

Бројот на мигранти ќе се зголемува


Мигранти на железничката станица во Гевгелија

Мигранти на железничката станица во Гевгелија

Потребна е подобра координација помеѓу државните органи и министерства, како и подобра соработка со соседните земји и со меѓународната заедница, бидејќи Македонија сама нема да може да се справи со проблемот, велат експертите.

Не се гледа крајот на проблемот со илегалните мигранти, сметаат експерти по безбедност. Тие во Охрид учествуваа на меѓународна конференција во организација на Маршаловиот центар и НАТО, а посветена на безбедносните предизвици со кои се соочува Македонија и регионот. Некои од нив со оценка дека миграцијата ќе продолжи со засилено темпо и оти Македонија ќе се соочува со уште поголем број на илегални мигранти од Сирија, Авганистан Ирак и другите држави.

Мислам дека мигрантите ќе продолжат да доаѓаат сè додека не се смени малку ситуацијата или додека Грција и Турција не најдат некое решение.

„Мислам дека мигрантите ќе продолжат да доаѓаат сè додека не се смени малку ситуацијата или додека Грција и Турција не најдат некое решение. Ова ниво со кое се соочувате со мигрантите ќе продолжат и во понатамошните месеци. Навистина е многу трагично да се гледаат толку многу луѓе како одат од граница до граница без никаква безбедност и осигурување дека ќе стигнат до нивната цел. Мислам дека треба да има едно поголемо решение во врска и со границата Унгарија-Србија за да се добие едно финално решение за овие луѓе и да се реши нивниот проблем на поинаков начин“, рече Џејмс Шерока, универзитетски професор од САД.

Мехмедин Тахировиќ од Министерство за одбрана на Црна Гора вели дека станува збор за едно од најважните прашања во моментот за Западен Балкан.

НАТО разработува програма која треба да ги пресретне сите ризици пред кои се исправи државите членки и сојузниците.

„Посебно се погодени Македонија и Србија. Не може да исклучиме дека и Црна Гора ќе биде една од дестинациите која ќе мора да најде решение како да ги прифати мигрантите од арапските држави. Тоа е државна обврска во процесот на ЕУ и НАТО интеграциите. Државите од регионот мора да си помогнат едни на други со цел формирање на превентивни мерки како не би дошле во ситуација одредени терористички организации да инфилтрираат свои луѓе во овие групи на мигранти и на тој начин да ги загрозат нашите национални системи на безбедност“, вели Тахировиќ.

Стојан Славевски, професор по безбедност од Скопје, вели на државата понекогаш и недостасуваат соодветни капацитети за справување со овие закани.

„Тоа го покажа и последната бегалска криза. Затоа треба да има подобра координација помеѓу државните органи и министерства, како и подобра соработка со соседните земји и со меѓународната заедница, бидејќи Македонија сама нема да може да се справи со една ваква безбедносна закана. Според најавите, бројот на бегалци нема да се намали, туку и да се зголеми. Од тука државата мора да биде подготвена соодветно да одговори на оваа хибридна закана, бидејќи капацитети на државата се лимитирани и мора да се има добра координација со справување со сето тоа“, вели тој.

Румен Радев, началник на канцеларијата за односи со НАТО во Скопје, рече дека тоа што НАТО го прави е поврзано со давање на јасни насоки каде се движат мигрантите, какви се ризиците и заканите во однос на државите.

„НАТО разработува програма која треба да ги пресретне сите ризици пред кои се исправи државите членки и сојузниците“, рече Радев.

XS
SM
MD
LG