Достапни линкови

Меѓународна осуда за пресудата против Исмаилова


Меѓународна осуда за пресудата против Исмаилова
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:45 0:00

Меѓународна осуда за пресудата против Исмаилова

Длабока вознемиреност и разочараност. Ова се реакциите на групите за човекови права, медиумските организации и западните влади за пресудата на судот во Азербејџан кој ја казни истражувачката новинарка Кадиџа Исмаилова на 7 ипол години затвор за наводно даночно затајување, нелегален бизнис и злоупотреби.

Триесет и девет годишната соработничка на Радио Слободна Европа, Радио Либерти, според одлуката на судот во Баку, е ослободена од обвинувањето дека поттикнувала едно лице да изврши самоубиство, откако тоа лице ја повлече тужбата.

Исмаилова, која опширно известуваше за финансиското работење на претседателот на Азербејџан Илхам Алиев и на членовите на неговото семејство, силно ги негираше обвиненијата и ги оцени за „манипулација“ со цел да се замолчи нејзината работа.

Нејзината мајка Елмира Исмаилова им изјави на новинарите во Баку дека пресудата нема да ја замолчат.

Кадиџа нема да запре. Устата нема да и се затвори. Нејзиниот пенкало нема да се исуши. Таа ќе продолжи да зборува и да пишува. Таа е борец.
Елмира Исмаилова, мајка на осудената Кадиџа Исмаилова.

„Кадиџа нема да запре. Устата нема да и се затвори. Нејзиното пенкало нема да се исуши. Таа ќе продолжи да зборува и да пишува. Таа е борец“, рече Елмира, наведувајќи дека нејзината ќерка се насмеала на пресудата.

Главниот уредник на Радио Слободна Европа Ненад Пејиќ судењето на Исмаилова го оцени како пример на политиката, а не на законот.

Во Вашингтон, портпаролот на Стејт департментот Марк Тонер изјави дека Соединетите Држави се „длабоко вознемирени“ од казната на Исмаилова.

„Ја повикуваме владата на Азербејџан за да ги ослободи Исмаилова и другите затворени во врска со остварувањето на нивните основни слободи“, се вели во соопштението на Тонер.

Американскиот конгресмен Елиот Енџел, највисок демократ во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, изјави дека пресудата на Исмаилова е за многу сомнителни обвиненија и оти лидерите на Азербејџан нема да постигнат напредок на нивната земја со задушување на несогласувањата со неа и со кршење основните права на своите граѓани.

Шефицата на Европската унија за надворешна политика Федерика Могерини и комесарот за проширување Јоханес Хан во изјавата оценуваат дека судењето ги покрена прашањата за непристрасноста на судот и за законитоста на обвинението.

Од канцеларијата на генералниот секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд, пак, изразија загриженост за системските недостатоци во Азербејџански судскиот систем и за загрижувачкиот тренд на зголемување на случаите против бранителите на човековите права и новинарите што има застрашувачки ефект врз слободата на изразување во земја.

Пресудата и казната беа остро осудени и од други претставници на меѓународни организации за човекови права кои, меѓу другото, оценуваат дека судењето Исмаилова е фарса, но оти последиците за неа и за сите азербејџански новинари, се смртно сериозни.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG