Достапни линкови

Ѓорѓи Калински: Секој БОШ фестивал за нас е ново искуство


Од 28 до 30 август, во Гевгелија ќе се одржи седмото издание на БОШ ФЕСТИВАЛ, мултимедијалното случување посветено на починатиот актер и поет Бошко Бозаџиски, во чии рамки и овојпат предвидено е да бидат одржани бројни концерти, изложби, театарски претстави и перформанси, проекции на филмови и видео арт, поетски читања и други форми на интердисциплинарни и неконвенционални уметнички случувања. Во пресрет на манифестацијата, со Ѓорѓи Калински од „Арт еквилибриум“, здружението што како организатор го потпишува Фестивалот, разговараше Љупчо Јолевски

Според некои параметри на кои што сме научени да работиме овде во Македонија не се случи ама баш ништо.

Она што нам ни сметаше е што веќе како локална, па и државна манифестација, која години наназад создава значителни вредности во својата заедница наеднаш доби некоја сума која во споредба со некои други општински манифестации за кои големо прашање е дали можат да се класифицираат во програмата за култура беше неколкупати помала.

Вака Ѓорѓи Калински, еден од луѓето задолжени за организација на актуелниот БОШ ФЕСТИВАЛ, ќе ја започне сторијата за тоа зошто тие ги одбиле доделените средства од Комисијата за култура на Општина Гевгелија за седмото издание . Тој дополнува дека можеби, сепак, се случило нешто поради што тие малку ги „прецениле работите“.

„Она што нам ни сметаше е што веќе како локална, па и државна манифестација, која години наназад создава значителни вредности во својата заедница наеднаш доби некоја сума која во споредба со некои други општински манифестации за кои големо прашање е дали можат да се класифицираат во програмата за култура беше неколкупати помала. Такво едно искуство имавме и во годините наназад, не успеавме да го решиме во меѓусебниот дијалог и едноставно уште од првиот момент кога видовме која сума ни е доделена, станува збор за 80.000 денари, немавме никаква дилема после седум години да кажеме – е доста е!“

БОШ како манифестација почна во локални рамки, но уште од првата година излеговме од тој круг и гледам дека како времето поминува учесниците, гостите и пријателите, поддржувачите не само од нашава земја, туку и од Балканот и пошироко застануваат зад овој концепт.

Тој вели дека Општината не дека не помагала и досега, но потенцира дека тоа конечно мора да се мери со зајакнувањето на Фестивалот. Потенцира дека од година во година ова случување, организациски и квалитативно, станува подобро и дека се позиционира високо на картата на летните културни случувања во земјава.

Калински дополнува дека тие како тим се презадоволни и од годинешниот одбир за програмата. Почнувајќи од музичкиот дел, преку изложбите, театарските перформанси, документарните филмови ...па се до поетските читања. Како посебност го издвојува концертот на хрватскиот импровизирачки состав КУЛ ДЕ САК, со Дарко Рундек како басист и следбеник на заложбите на основоположникот – култниот Давид Пајиќ Пајо, потем нашите ПАЛИНДРОМ, СУСИЈАТ, ЛЕМОНДРАМБИТС од Грција, ДУХОВИ од Србија..., ди-џеј сетовите на Новоградска и Шурбе и завршувајќи со неизбешните Суфилајски острови.

„БОШ како манифестација почна во локални рамки, но уште од првата година излеговме од тој круг и гледам дека како времето поминува учесниците, гостите и пријателите, поддржувачите не само од нашава земја, туку и од Балканот и пошироко застануваат зад овој концепт. На нас ни е навистина мило кога на едно место, во случајов во Гевгелија, ќе се собере таа позитивна енергија од Македонија. Значи имате секакви луѓе, со уметнички промисли, со слободарски заложби, така да дружбата е убава. Плодотворна. Секогаш има нешто ново да се научи, нешто на кое треба да му се обрне внимание и за волја на вистината ние постојано учиме. Секој БОШ ФЕСТИВАЛ е за нас едно ново искуство. “

Ѓорѓи Калински е убеден дека тоа е најголемата придобивка заедно со она за што своевремено била иницирана манифестацијата – посветата на нивниот пријател, починатиот актер и поет Бошко Бозаџиевски.

Од друга страна, пак, имајќи ги на ум нивниот случај со општина Гевгелија и оној на битолскиот АКТО ФЕСТИВАЛ од пред нецел месец, тој знае да каже дека културната политика во земјава во последниве седум-осум е катастрофална. Потенцира дека тука играат разно-разни интереси, но никако оние за кои што културата треба да ја врши својата функција во општеството – пред сè, на некој начин, да оплеменува.

„Нашата културна политика воопшто не ни постои. Тоа е некоја квази-културна политика и воопшто не знам дали може да се нарече „културна политика“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG