Достапни линкови

На стартот на новата учебна година се уште има училишта без струја, без одвод, со стара и дотраена опрема, без компјутери. Една третина од училиштата се реконструирани во последниве десет години.

Без струја веќе 40 години работи основното училиште во скопското село Малчиште, вели наставникот и член на Наставничкиот пленум Владо Димовски во интервју за Радио Слободна Европа. Станува збор подрачното училиште „Алија Абдовиќ“ каде од прво до петто одделение учат вкупно 11 деца. Димовски објаснува дека откако е изградено ова училиште, објектот никогаш не бил поврзан со извор на електрична енергија, а за овој проблем ниту една од надлежните институции со децении не се нафаќа да го реши, и покрај молбите на наставниците и директорите. Одговорот за непреземените мерки најчесто бил, „малку ученици има во училиштето“, вели Димовски.

Голем дел од училиштата се со столарија од пред 40 години кога се изградени, но имаме училишта по 5 до 6 решенија од санитарната инспекција за затворање на училиштата но никогаш не беа затворени.

„Нема струја, не е ниту врзана струјата од бандера, тоа е со писма барано од директорите на моето училиште и од сегашниот и од претходниот до Министерството за образование, ништо нема од тоа, статус кво е ситуацијата. Малку биле ученици, 11 ученици во едно подрачно училиште не е малку, да се разбереме, во некои училишта во Мариовскиот крај има по двајца ученици или по еден, па училиштата фунционираат“, вели Димовски во интервјуто што во целост ќе биде објавено в недела.

Димовски посочува дека ова не е единствен пример за лоши услови во училиштата.

„Голем дел од училиштата се со столарија од пред 40 години кога се изградени, но имаме училишта по 5 до 6 решенија од санитарната инспекција за затворање на училиштата но никогаш не беа затворени“, вели Димовски.

Нашиот фокус на градба на нови училишта и на реконструкција на постојните е огромен, никогаш досега немало толку многу инвестиции во градба на нови училишта и реконструкција на постојните како што имаше овие години.

Нешто повеќе од 50 милиони евра за неполни 9 години државата има инвестирано во изградба на нови и реконструкција на веќе постоечки училишта низ цела Македонија, соопшти неодамна премиерот Никола Груевски. Околу 30 милиони евра се инвестирани во реконструкција на вкупно 350 училишта, а останатите се потрошени за изградба на нови 70 училишта.

„Нашиот фокус на градба на нови училишта и на реконструкција на постојните е огромен, никогаш досега немало толку многу инвестиции во градба на нови училишта и реконструкција на постојните како што имаше овие години“, рече Груевски.

Според податоците на државниот завод за статистика, во Македонија има речиси илјада основни и 116 средни училишта, што значи дека една третина од нив се реконструирани во последниве десет години.

Димовски вели дека во општината каде што работи со овој владин проект се изградени две нови училишта во кои не се изведува настава затоа што веќе 4 години се недовршени.

„Беше предизборие и тогаш, општинарите си направија свои фешта пред камери сечеа ленти во едно од училиштата и го пуштија, но во тоа училиште не се направи водоводна инсталација, одводна инсталација, не се направи парното, не се направи пристап до училиштето и во моментот кога вратите се отворени селските коњи си престојуваат“, вели тој.

Недостаток на училници и столчиња, стари училишта, нечисти тоалети и училници, без основни средства за работа, без компјутери, кабинети, проектори, без интернет и здрави клупи, со неплатени сметки за парно греење, се проблемите со кои и оваа училишна година ќе се сретнат дел од учениците и наставниците.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG