Достапни линкови

Во потрага по решение за војната во Сирија


Новиот американски специјален пратеник за Сирија Мајкл Ратни во текот на неделава ќе престојува во Москва, Женева и Ријад во обид да се изнајде политичко решение за четири годишната војна во таа земја. Во изминативе недели Вашингтон ги зголеми напорите за ставање крај на конфликтот.

Во почетокот на август американскиот државен секретар Џон Кери имаше два состанока со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Доха и во Куала Лумпур на кои, меѓу другото, станало збор и за политичката транзиција во Сирија.

„Државниот секретар сака да продолжи да ги испитува опциите со Русија и со Саудиска Арабија за можните политички решенија“, изјави портпаролот на Стејт департментот Џон Кирби.

На 17 август за прв пат во изминативе две години Советот за безбедност на Обединетите нации, вклучувајќи ја и Русија, се согласи да инсистира на политичко решение во Сирија.

Администрацијата на претседателот Барак Обама долго време инсистира дека во секое политичко решение мора да биде вклучено и заминувањето на сирискиот претседател Башар ал Асад од власт. На тоа се противат Москва и Техеран.

Во меѓувреме, Соединетите држави ја поздравија иницијативата на Русија за одржување нови разговори иако Вашингтон сака тие да бидат според таканаречената Женевска рамка, односно транзициска влада во Сирија.

Државниот секретар Џон Кери сака да продолжи да ги испитува опциите со Русија и со Саудиска Арабија за можните политички решенија во Сирија.

Режимот во Дамаск не прифаќа заминување на претседателот Башар ал Асад кој пак игра на сојузничката карта против милитантите на Исламската држава кои контролираат големи делови од неговата земја.

Тој деновиве изјави дека бил отворен на секоја идеа за коалицирање против милитантите, но нагласи дека тоа би било невозможно да се оствари со неговите непријатели.

Со тоа тој го стави под сомневање рускиот план за алијанса против ИД.

Според Асад, таквата алијанса нема смисла, бидејќи, како што рече, „земјите кои поддржуваат тероризам би биле земји кои ќе се борат против тероризмот“.

Тука станува збор за Турција и Саудиска Арабија кои ги поддржуваат бунтовничките групи кои се борат за негово соборување од власт.

„Можеби сфатиле дека погрешиле и оти тероризмот оди и кон нивните земји“, изјави Асад.

И Саудиска Арабија исклучи секаква можност за коалицирање со режимот на Асад кој го обвинува за појавата на милитантите на Исламската држава.

Соединетите држави ја предводат кампањата против милитантите во Сирија и во Ирак.

Русија пак, е на став дека Соединетите држави би требало во таа борба да соработуваат со режимот на Асад.

Во Сирија веќе четири години трае граѓанска војна во која досега загинале над 250 илјади луѓе, додека над четири милиони беа присилени да ги напуштат нивните домови. Поголемиот дел од нив се наоѓаат во бегалски кампови во Турција и Либан.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG