Достапни линкови

Прилепски џез сновиденија 2015


Браќата Тавитјан.
Браќата Тавитјан.

Со учество на триото на нашиот Емин Џијан, квартетот на српскиот пијанист Милан Петровиќ, браќата Тавитјан, составот на бугарскиот виртуоз на кавал Теодосиј Спасов, руската атракција САЛТО и хрватските импровизатори КУЛ-ДЕ-САК, од 27 до 29 август, на летната сцена Домот на култура „Марко Цепенков“, ќе се одржи четвртото издание на интернационалниот „Прилеп џез викенд“, фестивалот кој полека израснува во една од позначајните регионални летни музички манифестации.

Следејќи ја пројавената заложба за поинакво урбано живеење, Прилеп полека, но сигурно добива фестивал кој не само што се позиционира на картата на значајни музички манифестации во Република Македонија, туку и станува еден од позначајните во регионов воопшто.

Сакале да признаеме или не, Фестивалот досега не допре до толку голем број на конзументи до колку што ние како организатори посакувавме. Затоа генерално годинава моравме да понудиме не велам покомерцијална програма туку изведувачи со звучни имиња кои полесно ќе допрат до поширокиот аудиториум.
Владан Дробицки, уметнички директор на Фестивалот.

Оваа по малку и смела констатација се потпира на фактот што во изминативе три години на летната сцена на Домот на култура „Марко Цепенков“, продефилираа интернационални артисти како италијанскиот трубач Лука Аквино, СЕТСТАТ, КАБАДАЈАС, српскиот состав ФИШ ИН ОИЛ, ДИСЦИПЛИНА КИЧМЕ, Рамбо Амадеус, Ѓорѓи Шаревски, ГОЦЕ СТЕФКОВСКИ СЕПТЕТ, а и за годинава е направен стилски шаренолик, но доволно квалитетен одбир што несомнено ќе го предизвика вниманието не само на заколнатите љубители на најслободната музичка форма, туку и на сите трагачи по звучни возбуди.

Кул де Сак.
Кул де Сак.

Официјално, Фестивалот ќе започне со настапот на триото на Џијан Емин. Мултиинструменталистот, композитор и веќе диригент, во Прилеп доаѓа своите долгогодишни музички собеседници - контрабасистот Оливер Јосифовски и тапанарот Гоце Стефковски. Со нова несекојдневна музичка понуда која допрва треба да биде документирана и која што беше креирана речиси паралелно со она што Џијан го создаваше и споделуваше на патешествијата со славниот Дерик Меј во рамките на нивниот грандиозен проект кој освен со Македонската филхармонија, со големи ансамбли беше претставен во белгискиот Гант, во Париз и неодамна во Детроит.

Првата т.н. „пијанистичка вечер“ ќе биде заокружена со настапот на квартетот на Милош Петровиќ, некогашниот член на ДЕЛ АРНО БЕНД и човекот кој од 2011 година е предводник на еден од најзначајните состави на српската џез-блуз сцена.

Во петок отвораат браќата Тавитјан кои во последно време сè почесто имаме можност да ги следиме како со своите изведби воодушевуваат на извиканите сцени по светот, а ноќта за која владее огромен интерес кај публиката планирано е да ја затвори нам добро познатиот бугарски и светски виртуоз на кавал Теодосиј Спасов. Тој во градот под Маркови кули доаѓа со своето џез трио и со невидената страст за неусловените пловидби низ традицијата и современите музики.

И конечно, за крај се оставени артистите по кои се очекува да биде запаметено ова издание на фестивалот. Притоа воведот ќе му припадне на рускиот септет САЛТО кој својата звуковност ја потпира на зачудната комбинација на драм-енд-бејс, етно, класичен и фри-џез, фанк, трипхот, џангл и сето тоа фуриозно отсвирено на електронски и на акустични инструменти.

А, за спуштање на завесата на четвртиот интернационален „Прилеп џез викенд“ се оставени КУЛ-ДЕ-САК, хрватскиот состав кој постои од 1986 година и е авторски проект на култниот загрепски гитарист и импровизатор Драган Пајиќ – Пајо. Во неколкуте фази од делувањето на групата се поминати бројни познати инструменталисти од тамошната музичка сцена со различен бекграунд, а во последнава декада, посебно по смртта на основачот и двигателот Пајиќ, со своето авторско кредо и како басист и човек задолжен за ефекти е присутен и легендарниот Дарко Рундек. Причина повеќе за зголемување на љубопитството за нивната храбра алтернативна понуда.

„Сакале да признаеме или не, Фестивалот досега не допре до толку голем број на конзументи до колку што ние како организатори посакувавме. Затоа генерално годинава моравме да понудиме не велам покомерцијална програма туку изведувачи со звучни имиња кои полесно ќе допрат до поширокиот аудиториум“, вели Владан Дробицки, уметнички директор на Фестивалот.

Кон ова само уште информацијата дека во рамките на т.н. „придружна програма“ во прилепските клубови треба да се одржат и перформансите на Дамир Имери со неговото трио и диџеите од ТЕКТОУН, Дарко Степиќ и Шурбе.

Сè заедно, никој не се сомнева дека на прилепчани и на сите љубители на џезот и на современата музика од овој дел на Македонија им претстои возбудлив звучен викенд, а организаторите, луѓето задолжени за култура во општината, со оглед на тоа што влезот за концертите е слободен и годинава очекуваат над 3.000 посетители на Фестивалот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG