Достапни линкови

Апели за помош на Македонија и Грција за мигрантите


Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци упати апел до Европската унија за помош на земјите кои се најпогодени од бранот бегалци и мигранти, како Македонија и Грција. Според проценките на УНХЦР, деновиве по околу 3 илјади луѓе се очекува да ја минуваат границата меѓу двете земји.

„Не гледаме никаков крај на приливот на луѓе во наредниве месеци“, изјави портпаролот на УНХЦР Мелиса Флеминг.

Таа како причини за ваквата проценка ги наведува продолжувањето на насилствата во Сирија и Ирак и катастрофалните услови за бегалците во преполнетите кампови во Турција, Јордан и Либан.

Скоро 300 илјади луѓе годинава преку Медитеранот пристигнале во Европа. Најмногу, над 180 илјади тоа го сториле преку Грција.

Балканот е во костец со невиден пораст на миграција поттикната главно од војната во Сирија.

Грција која се соочува со економски проблеми од своите острови почна со бродови да ги префрлува на копно по што тие преку Македонија се упатуваат кон побогатите земји на Европската унија.

„Важно е овие луѓе да бидат хумано третирани, да им биде понудена неопходната помош и да им се почитува нивното право за азил“, изјави Флеминг.

Искрено се надеваме дека доколку бидат преземени коректни мерки ова е нешто што Европа може да го реши. Станува збор за поголем број од лани, но тоа нема да ја сврти Европа наопаку.

Таа наведувајќи дека иако постои разбирање за, како што рече, легитимната загриженост на земјите соочени со бегалците, дополни дека нивните влади имаат меѓународна обврска хумано да постапуваат со мигрантите и бегалците.

УНХЦР прецизира дека 43 насто од барателите на азил биле преземени од Германија и Шведска и бара ваквиот товар да биде распореден порамномерно низ земјите членки на Унијата.

„Искрено се надеваме дека доколку бидат преземени коректни мерки ова е нешто што Европа може да го реши. Станува збор за поголем број од лани, но тоа нема да ја сврти Европа наопаку“, рече портпаролот на УНХЦР Мелиса Флеминг.

Во понеделникот Грција се пожали дека нејзината инфраструктура не била доволна за справување со големиот број бегалци во земјата во една од најголемите хуманитарни кризи со кои со соочува Европа од Втората светска војна.

Претходно пак, УНХЦР упати остри критики до грчките власти дека не презеле доволно мерки за да се справат со ситуацијата.

Во вторникот уште 2 ипол илјади мигранти и бегалци со брод биле префрлени во пристаништето Пиреја.

Тоа беше шести таков превоз кој започна пред неколку денови и досега со него се пренесени над 10 илјади луѓе.

Повеќето со автобуси се префрлаат на железничката станица во Атина од каде што заминуваат за Македонија, Србија и Унгарија која најави дека до крајот на месецов ќе ја заврши оградата со цел да ги запре мигрантите.

„Европа не успеа. Европа мора да се движи“, изјави заменик претседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, додавајќи.

„Досега, многу земји членки сметаа дека можат сами да се справуваат. Тоа не функционира. Мора да сме заедно“, рече тој.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG