Достапни линкови

Партиски тактизирања за изборниот модел


Власта и опозицијата стартуваат од нивните најрадикални позиции со цел да најдат некое решение кое ќе ги задоволи двете страни, велат аналитичарите.

Изборниот систем и натаму им предизвикува главоболка на партиите во преговорите. Една изборна единица или мнозински модел се предлози коишто политичарите во јавноста ги ставија на маса со цел да си обезбедат подобри стартни позиции во преговорите, велат аналитичарите. Тие посочуваат дека и двете страни не очекуваат да бидат прифатени нивните идеи од опонентот, но се надеваат дека со нив ќе може да „избоксуваат“ модел кој би бил барем приближно до нивните потреби.

Кога станува збор за преговарање, тие мора така да се постават, од причина што знаат дека тоа што ќе го понудат како првична идеја нема да биде прифатено, односно ќе биде одбиено. Од другата страна, е сега околу искреноста, мислам дека двете политички партии во своите предлози не очекуваат искрено ни самите да бидат прифатени и тоа што тие го предлагаат веројатно ќе има некоја варијанта која ќе биде измеѓу едната и другата варијанта.
Митко Гаџовски, политиколог.

Политикологот Митко Гаџовски вели дека двете политички партии стартуваат од нивните најрадикални позиции со цел да најдат некое решение кое ќе ги задоволи двете страни.

„Кога станува збор за преговарање, тие мора така да се постават, од причина што знаат дека тоа што ќе го понудат како првична идеја нема да биде прифатено, односно ќе биде одбиено. Од другата страна, е сега околу искреноста, мислам дека двете политички партии во своите предлози не очекуваат искрено ни самите да бидат прифатени и тоа што тие го предлагаат веројатно ќе има некоја варијанта која ќе биде измеѓу едната и другата варијанта“, вели тој.

Лото пратеници, кои Груевски ги замислува како ги замислува само тој си знае, се многу понижувачки затоа што во себе не содржат никаков реален предлог за договарање за овој закон, туку содржат само сопки и цинизам и играње со опозицијата односно Изборниот законик.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

Аналитичарот Алајдин Демири, пак, вели дека предлозите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за дијаметрално различните модели се само приказ на очај во кој се наоѓаат политичките партии во преговорите, за да се добие некаква предност на претстојните избори. Од една страна, една изборна единица е совршена само за помалите партии, но не и за големите, со што тој предлог ќе биде на штета на СДСМ, додека предлогот за мнозинскиот изборен модел со бонус 17 пратеници, Демири го оценува како циничен потег.

„Лото пратеници, кои Груевски ги замислува како ги замислува само тој си знае, се многу понижувачки затоа што во себе не содржат никаков реален предлог за договарање за овој закон, туку содржат само сопки и цинизам и играње со опозицијата односно Изборниот законик“, вели Демири.

Политичката стратегијата на бесконечно спротивставување има за цел исмејување на опозицијата, додава Демири.

„Сето тоа го прави за да биде против СДСМ, ако тие предложат варијанта „А“, тој предлага варијанта „Б“, ако тие предложат варијанта „Ц“, тие одат со варијанта „Д“ и сè така бесконечно, само за да не се разберат и да укаже дека опозицијата ама ептен нема право и нејзините предлози се невалидни“, вели Демири.

Гаџовски вели дека сите карти се во игра затоа што следува турбулентен период во којшто партиите ќе мора да прават отстапки за да се дојде до конечно решение.

Единствено нешто што е со сигурност познато во јавноста е само датумот на изборите, сè уште се непознати начинот на кој тие ќе бидат спроведени, како и кога ќе се прочисти избирачкиот список и кој ќе ја води државната изборна комисија.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG